Испратнина во случај на откажување на договорот за вработување поради технолошки вишок
РУБРИКА ЗА ТРУДОВО И СОЦИЈАЛНО ПРАВО
Тема: Испратнина
Многу често поставувано прашање во случај на откаување на договорот за вработување поради деловни причини (или уште попознато како технолошки вишок) е прашањето за испратнината која му следува на вработениот во тој случај.
Законот за работни односи во членот 97 ја уредува испратнината и тоа во зависност од висината на работниот стаж, се одредува висината на нето платите кои треба да бидат исплатени на работникот. Па така во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини, работодавачот е должен на работникот да му исплати испратнина, и тоа:
• до пет години поминати во работен однос – во висина од една нето плата;
• од пет до десет години поминати во работен однос – во висина од две нето плати;
• од десет до 15 години поминати во работен однос – во висина од три нето плати;
• од 15 до 20 години поминати во работен однос – во висина од четири нето плати;
• од 20 до 25 години поминати во работен однос – во висина од пет нето плати и
• над 25 години поминати во работен однос – во висина од шест нето плати
ПРАВИЛНО е да се смета основицата за пресметка на испратнината е просечната нето плата на работникот во последните шест месеца пред отказот, но истата да не биде помала од 50% од просечната нето плата исплатена по работник во Републиката во последниот месец пред отказот. Испратнината се исплатува со денот на престанокот на работниот однос.
ПОГРЕШНО е да се смета дека работодавачот може да побара од работникот да се откаже од правото на испратнина, истото се однесува и на давањето согласност на работникот дека се откажува од ова свое право. Ваквите барања односно давањето согласност за откажување се сметаат за ништовни.
Проф. д-р Лазар Јовевски

