Италија за прв пат планира да воведе данок за проституција преку нов деловен код
Италија за прв пат планира да ги оданочува сексуалните работници, воведувајќи посебна шифра за дејност за активности поврзани со сексуални услуги, објавија странските новински агенции. Италијанскиот Завод за статистика го воведе сопствениот деловен код АТЕКО за оваа намена. Кодот АТЕКО е систем за класификација што се користи за јасно дефинирање и оданочување на економските активности на компаниите и хонорарните работници.
Новата шифра, како што пренесува Seebiz повикувајќи се на австриската агенција АПА, опфаќа агенции за брак, агенции за запознавање, сексуални услуги и активности за брзи состаноци (speed dating). Важно е да се напомене дека во Италија сексуалната работа е легална, но не е регулирана, додека борделите и подведувањето се забранети со закон.
Како што јавува Ројтерс, сега се очекува сексуалните работници да добијат даночни броеви и да се обидат да го регулираат својот статус врз основа на класификацијата на дејноста усвоена од италијанските власти.
Моментално, сексуалните работнички во Италија често немаат пристап до работнички права и не можат да ги пријават своите приходи ниту да плаќаат данок. Ова е во остра спротивност со други европски земји како Холандија и Германија, каде што сексуалната работае регулирана дејност.
Овој потег наиде на критики од италијанската опозиција.
„Италијанската десница се залага за Бог, држава и семејство, но кога треба да ја наполни својата каса, ја легализира дури и проституцијата“, изјави Луана Занела од Сојузот на левицата и зелените (АВС).
Таа додаде дека покојната социјалистичка сенаторка Тина Мерлин, чии закони ги затворија борделите во 1958 година, „ќе се преврти во гроб“, пренесе италијанската новинска агенција Анса.
Поради растечката улична проституција, во Италија веќе неколку години се води дебата за можноста за повторно отворање на јавни куќи и нивна строга контрола. Според АПА, се проценува дека во Италија има околу 100.000 сексуални работници, од кои една третина доаѓаат од странство. Повеќе од половина работат на улица, а се проценува дека околу една петтина се малолетни лица.
Извор: b92