Колумни

Генерацијата З нема да ги трпи старите навики на македонските газди

Од 8 до 10 октомври имав можност да учествувам на конференција посветена на Генерацијата З (родените меѓу 1997 и 2012 година). Се зборуваше за предизвиците, можностите и перспективите на пазарот на трудот.

Во текот на предавањата беа истакнати неколку клучни поенти. Една од нив е дека припадниците на Генерацијата З во никој случај не се толерантни кон лошите работни услови како постарите генерации. Беше даден и пример за вработена која, поради токсичната работна средина, си заминала уште по првата пауза на првиот работен ден.

На конференцијата беа презентирани и статистички податоци, но нема да навлегувам во нив. Познат сум по кратките писанија, па ќе се обидам и овојпат да бидам што е можно поконцизен.

Додека ги гледав податоците и ги слушав предавањата, постојано ми се вртеше една мисла низ главата: голем дел од македонските компании нема да можат да се справат со Генерацијата З.

Не затоа што оваа генерација е лоша. Далеку од тоа. Туку затоа што голем дел од газдите сè уште се навикнати да работат „по старо“ – да не ги почитуваат работничките права, да доцнат со исплатата на платите, да не плаќаат прекувремена работа и да не го почитуваат правото на годишен одмор.

Претпоставувам дека кога припадниците на Генерацијата З слушнале за иницијативата за скратување на бројот на празници, само ги превртеле очите и си рекле: „Не, благодарам. Ќе одам на Запад или ќе работам од дома за странски работодавач“.

Ова намерно го споменувам за да укажам дека таквата иницијатива тешко дека ќе наиде на одобрување кај младите.

Тие гледаат дека нивните врсници во западните земји имаат флексибилно работно време и повеќе денови годишен одмор. Згора на тоа, иако платата им е важна, таа не е единствениот фактор при изборот на работното место. Младите сè повеќе го ценат балансот меѓу професионалниот и приватниот живот.

А иницијативата за скратување на празниците оди токму во спротивна насока.

Затоа, компаниите, но и државата, ќе мора да се приспособат на очекувањата на Генерацијата З. Во спротивно, младите ќе бараат подобри услови надвор од земјата или ќе работат за странски компании.

А тогаш, наместо да се прашуваме зошто младите си заминуваат, можеби треба да се запрашаме што сме направиле за да посакаат да останат.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk