МакедонијаСиндикат

СПМ: ПОЛИЦИСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ ЖРТВИ НА ЈАВНИОТ ПРИТИСОК

Фејсбук статус на Синдикатот на полиција во Македонија:

„ЈАВНИОТ ПРИТИСОК НЕ Е ДОКАЗ. МЕДИУМСКАТА ОСУДА НЕ Е ПРЕСУДА. А ДИСЦИПЛИНСКАТА ПОСТАПКА НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ЖРТВУВАЊЕ НА ПОЛИЦАЈЦИТЕ ЗА ЗАДОВОЛУВАЊЕ НА ЈАВНОСТА.“

ПОЛИЦИСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ ЖРТВИ НА ЈАВНИОТ ПРИТИСОК❗

Министерството за внатрешни работи мора сериозно да го преиспита начинот на кој функционира внатрешната контрола, особено во делот на утврдувањето на фактичката состојба и оценувањето на постапувањето на полициските службеници.

Дисциплинската одговорност не смее да биде инструмент за задоволување на јавните очекувања, ниту средство за демонстрација на привидна одлучност пред јавноста. Таа мора да биде резултат на објективна, непристрасна и законита постапка, заснована врз целосно утврдена фактичка состојба и конкретни докази.

Во пракса, сè почесто се поставува прашањето дали при донесувањето на одредени дисциплински решенија навистина се земаат предвид сите релевантни околности или, пак, се прифаќаат паушални оценки и заклучоци под влијание на јавни реакции, медиумски наративи и притисоци од различни центри на моќ.

Во низа конкретни случаи, без да се прејудицираат фактите и без да се навлегува во одговорноста на кој било поединец, сметаме дека е неопходно да се испитаат сите околности под кои постапувале полициските службеници. Не може да се очекува законито и правично решение доколку постапката се води врз основа на перцепции, шпекулации и јавно создадени заклучоци, наместо врз основа на докази и професионална процена.

Јавниот притисок не е доказ. Медиумската осуда не е утврдена одговорност. А дисциплинската постапка не смее да биде механизам за жртвување на полициските службеници со цел институциите да ја смират јавноста.

Јавно изразуваме поддршка за полициските службеници и апелираме до раководството на МВР да обезбеди објективно, непристрасно и законито постапување во секој конкретен случај. Секое евентуално пречекорување мора да биде утврдено и санкционирано согласно закон, но истовремено секој полициски службеник мора да биде заштитен од неосновани обвинувања, произволни заклучоци и неоправдани последици по неговиот професионален статус.

Одговорност мора да има таму каде што ќе се утврди повреда, но не смее да има казнување поради страв од јавноста, политичка целисходност или потреба од наоѓање виновник.

Посебно ги повикуваме раководните структури на МВР да покажат поголема грижа за своите вработени, за условите во кои работат и за професионалните предизвици со кои секојдневно се соочуваат. Полицајците не се само униформа што треба да ја понесе одговорноста кога јавноста бара виновник. Тие се луѓе кои секојдневно се соочуваат со ризици, притисоци и сложени ситуации, во кои мора да донесуваат одлуки во реално време.

Наместо институционална поддршка, доверба и професионална заштита, неоснованите постапки, доколку такви се утврдат, создаваат страв, несигурност и демотивација. А полицаец кој работи под постојан страв дека секоја негова одлука може да стане предмет на дисциплинска постапка под притисок на јавноста, тешко може да ја има потребната сигурност во извршувањето на своите службени задачи.

Најопасната последица од ваквиот пристап е создавањето систем во кој полицискиот службеник ќе размислува како да се заштити себеси, наместо како најдобро да ја изврши својата должност.

Доколку сакаме професионална полиција, мора да создадеме систем во кој се штитат и законитоста и достоинството на полицискиот службеник. Систем во кој одговорноста се утврдува врз основа на докази, а не врз основа на насловите во медиумите. Систем во кој професионализмот не се жртвува заради моменталното јавно расположение.

Затоа, порачуваме:

НЕМА ПРОФЕСИОНАЛНА ПОЛИЦИЈА БЕЗ ИНСТИТУЦИОНАЛНА ПОДДРШКА.

НЕМА ПРАВДА БЕЗ ОБЈЕКТИВНОСТ.

НЕМА ОДГОВОРНОСТ БЕЗ ДОКАЗИ.

МВР мора да биде институција што се бори против криминалот, а не институција во која полициските службеници ќе се чувствуваат оставени сами на себе кога ќе се најдат под јавен притисок.

Затоа што кога институцијата не ги штити своите професионалци од неосновани обвинувања, кога ги демотивира наместо да ги поддржува и кога дозволува перцепцијата да ја замени утврдената фактичка состојба, последиците не ги чувствува само полицијата.

Последиците ги чувствува целото општество.

СПМ не бара полицајците да бидат над законот, туку бара законот да важи подеднакво за сите и дисциплинската одговорност да не се утврдува под притисок.

СПМ – Сила, Правда, Морал!