ИТУК е подготвена да ги поддржи македонските синдикати во борбата против зголемувањето на работното време на меѓународно ниво
Подгтовил: Бобан Илијевски
Меѓународната конфедерација на синдикати (ИТУК) ја „искара“ Владата на Република Македонија за поднесените предлог измени на Законот за работни односи по скратена постапка, без консултација со синдикатите и останатите социјални партнери, со кои се предвидува зголемување на прекувремената работа.
Од ИТУК во писмото испратено до Премиерот Димитар Ковачевски наведуваат дека Комитетот на експерти на Меѓународната организација на трудот (МОТ) ја нагласува важноста на осумчасовното дневно работно време и 48-часовната работна недела како максимално дозволено работно време.
„Тоа е така со цел на работниците да им се овозможи заштита од прекумерно заморување и да им се овозможи време за одмор, рекреација и социјален живот. Исто така, МОТ ги повика владите, при одредување на граница на работното време, во предвид да ги земат безбедноста и здравјето на работниците и важноста на балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот“, се посочува во писмото.
ИТУК се повика и на Универзалната Декларација за човекови права и Заветот на Обединетите Нации за економски, социјални и културни права, кои заедно овозможуваат еден човечки пристап кон регулирањето на работното време. Овие документи потенцираат дека секој човек има право на одмор, вклучувајќи и разумно одредување на работното време и платена работа за време на празници.
„Поради ова, измените кои ги предлага Владата ги прекршуваат меѓународните трудови стандарди и уште повеќе им ја отвораат вратата на ризиците од повреди и смртни случаи на работните места. Во оваа насока, императив е Вашата влада да ги промовира, да ги почитува и исполнува стандардите за безбедност и здравје при работа, што и го наложуваат фундаменталните трудови принципи на МОТ“, се вели во писмото.
Од Меѓународната централа на синдикатите нагласуваат и дека измените кои ги предлага Владата се во директен судир со ЕУ Директивата 2003/88/EC, која се однесува на одредени аспекти од организирањето на работното време.
Организацијата ѝ порача на Владата да создаде услови за почитување на човековите и работничките права кои се заштитени со меѓународни закони кои се применуваат во пракса.
„Нема да се двоумиме во намерата да поддржиме било каква формална процедура која би ја иницирале нашите членки (КСС и ССМ) – во рамките на МОТ, Советот на Европа или Европската унија, се‘ со цел да им помогнеме да се изборат за почитување на правата од работен однос“, стои во писмото кое ИТУК го испрати до Владата.
На користењето на европското знаменце реагираа и од Делегацијата на Европската унија во Македонија, но од Владата не се откажуваат од намерата да се донесат законите кои, според нив, се од стратешки интерес за државата.
Фото: Canva

