И да е поквалификувано од лицето без попреченост, поголеми се шансите да не биде вработено, вели Јовевски

Бобан Илијевски

Лицата со инвалидитет немаат голем пристап до пазарот на труд. Ова го потврдува и универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски кој за Работник, во вториот дел од серијалот на текстови за „Вклученоста на лицата со попреченост на пазарот на труд“. 

Првиот дел можете да го прочитате тука.


Колку лицата со попреченост се вклучени на пазарот на трудот во Македонија?

Јовевски започна со тоа дека постојат низа на законски можности и мерки кои треба да го олеснат нивниот пристап до вработување, но неговата констатација е дека можностите за нив не функционираат толку едноставно.

При вработување, можеби не се експлицитно дискриминирани, но сепак шансите работното место да го добие лице без инвалидност кое (понекогаш) е помалку квалификувано од лицето со инвалидност се поголеми, вели Јовевски.

Фото: Freepik
Што треба да се смени во пракса за да се зголеми вклученоста на лицата со инвалидитет во пазарот на трудот?

Јовевски смета дека пред сѐ треба да има владеење на правото, да се обезбедат еднакви можности за лицата со попреченост во секоја фаза од нивниот живот, а особено во воспитно – образовниот процес и пристапот до високо образование. Потребно е тие да се мотивираат да стекнуваат вештини за вработливост соодветни на видот на попреченост, кои ќе им обезбедат предност при вработувањето.

Откри дека новиот Закон за работни односи предвидува компензаторен фонд, од кој според него, би требало да се издвојат повеќе средства за студирање на лицата со попреченост.

Паралелно со можностите за образование на овие лица, треба да се обучи наставен кадар за работа со лица со попреченост кои ќе ја поттикнуваат нивната вклученост во општеството, односно да се поткинува нивното прифаќање, додава Јовевски.

Стимулативните мерки за вработување ги оценува како добри, но вели дека често се злоупотребуваат. Во пракса, појаснува, има многу примери на вработување на лица со попреченост и задржување на работното место додека важат мерките кои се од корист на работодавачот, а потоа веднаш на лицето му престанува работниот однос. Оние кои ги извршуваат работните задачи одговорно, ефикасно треба да бидат задржани на работа, вели Јовевски, дополнувајќи дека и на работодавачите можеби треба да им се помогне за да ги адаптираат работните простории за лицата со попреченост.

Напомена дека работодавачите треба да го променат начинот на размислување и да сфатат дека лицето со попреченост може да работи исто како и она кое нема попреченост.

Ќе земам како пример лице кое има инвалидност на долните екстремитети, односно се движи во инвалидска количка, но е информатичар по професија. Тоа лице може да работи буквално исто со лицето кое нема инвалидност, но има иста струка, односно е информатичар – двете лица работат со раце, а го користат умствениот потенцијал, наведе Јовевски.

Потсети дека не смее да се заборави дека на лицата со попреченост им е потребна соодветна инфраструктура за функционирање. Можеби во поголемите градови е веќе повисока свеста, па некако се обезбедува пристапност, иако далеку од целосна, вели Јовевски и прашува: „но што е со лицата кои живеат во помали места или рурални средини?“

Вклучувањето на лицата со инвалидност на пазарот на труд бара солидна основа од рани години, што води до тоа дека треба да се (пре)осмисли еден цел систем за да се подигне нивната инклузивност во фазата на излегување на пазарот на трудот, односно нивно вработување, посочи Јовевски.

Мерките за лицата со попреченост не се доволно искористени

Професорот Јовевски вели дека постојат мерки за вработување и самовработување на лицата со инвалидитет, притоа неговото мислење е дека тие не се доволно и соодветно искористени.

Мислам дека тука, пред сѐ, општеството нема развиено висока свест за општо прифаќање на лицата со попреченост. За да воопшто имаме успешен модел за инклузија на лицата со попреченост во општеството треба да се развива и негува културата на прифаќање на различностите преку активности за подигнување на јавната свест, вели Јовевски.

Вложувањето во работните простории за непречено функционирање на лицата со попреченост не е трошок, туку инвестиција

Работодавачите би требало да обрнуваат внимание на можностите, квалификациите и способностите кои им ги овозможува инвалидноста, наместо да ја гледаат нивната состојба како пречка во работните процеси, објаснува професорот Јовевски.

Точно е дека треба да се вложи во работните простории во кои лицето со инвалидитет треба да ги извршува работните задачи, во смисла да му се овозможи непречено функционирање. Но, ова не е трошок, туку инвестиција, бидејќи истото тоа лице како работник произведува вредност и учествува во профитабилноста на претпријатието, истакна Јовевски.

Фото: Pexels

Тој забележа дека има голем простор за подобрување, потенцирајќи дека колку поскоро се започне со освестување на општеството во однос на тоа дека и лицата со попреченост треба да се гледаат како и останатите лица, толку поинтензивен ќе биде и процесот на нивна целосна инклузија и отворање достоинствени можности, не само за вработување, туку и за нивно кариерно напредување.

Трудовата регулатива и лицата со попреченост

Во главно, националното законодавство за лицата со инвалидитет се состои од Законот за работни односи, Законот за вработување на лицата со попреченост, кој е lex specialis (посебен закон) на Законот за работни односи и Законот за спречување и заштита од дискриминација, објаснува Јовевски.

Уставот определува дека секое лице има право на работа и на другите сродни права, а тоа е едно општо право кое е применливо за сите, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, вели Јовевски и додава дека од Уставот произлегува и клаузулата за еднаквост која ги изедначува сите граѓани без разлика на различните основи, но таму не е изречно наведена попреченоста која може да биде чест основ за дискриминација.

Исто така, Законот за работни односи предвидува низа на права и мерки кои им се обезбедуваат на лицата со попреченост, а секако тука е и посебниот закон за вработување на лица со попреченост. Според тоа, трудовата регулатива е релативно овозможувачка за лицата со попреченост, ги заштитува од дискриминација, иако во практиката има разни примери, посочи Јовевски.

Лицата со попреченост, потенцира професорот, преку трудот добиваат најбрза, најлесна, најевтина и сеопфатна инклузија во општеството. Постојаната законска рамка дава одредена правна основа за вработување на овие лица, но има одредени слабости и затоа промената на моделот е оправдана и потребна.

Концептот на унапредување на вклученоста на лицата со попреченост на пазарот на труд треба да биде базиран на три премиси, вели Јовевски:

  1. Реформа на законодавството,
  2. Подобрување на субсидијарните права на лицата со попреченост за градење на атмосфера на еднаквост наспроти култура на отфрлање и
  3. Контрола и надзор на спроведување на законодавството.

Во актуелното законско решение не се имплементирани сите европски стандарди и стандардите на Меѓународната организација на трудот. Станува збор за Директивата 89-654 (за минимум услови за безбедност и здравје на работното место), Директивата 200/78 (за еднаков третман на работното место) и Конвенцијата 159 на МОТ за професионална рехабилитација и вработување на инвалидизирани лица, кои не се целосно применети, туку има само начелна поставеност, рече Јовевски.

Недостатоците во законската регулатива и нејзиното доуредување

Јовевски е на ставот дека совршен закон не постои. Вели дека и најдобриот закон на светот има свои недостатоци. Од друга страна дециден е дека се менуваат и времињата и условите за живот воопшто, така што, неопходна е повремена измена на законите за да одговараат на тековните ситуации.

Неговите забелешки генерално се за непочитување на законите, заобиколувањето на одредени законски одредби и селективната правда во сите области, па и во трудовата област.

Тоа е во основа е не владеење на правото, кое сите не засегнува. Лицата со попреченост се посебна ранлива категорија која треба токму поради тоа да биде недвосмислено заштитена во сите аспекти, вклучително и во областа на трудот, истакна Јовевски.

Фото: Istock
Како да се подобрат законските решенија за лицата со попреченост? 

Според универзитетскиот професор, во Законот за работни односи треба појасно да се опишат одредбите за лицата со попреченост, за да нема погрешно толкување. Во Законот за вработување на лица со попреченост, кој, како што вели Јовевски има одредени недоследности, како на пример тоа што се предвидува самовработување на овие лица во согласност со Законот за трговски друштва. Во пракса, потенцира Јовевски, ваквиот опфат на законот има покажано дека лицата со попреченост кои се самовработени согласно друг закон, а не според тој за трговски друштва (како што се Законот за адвокатура, Законот за извршување, Законот за судовите, Законот за нотаријат…) не можат да ги користат придобивките кои се предвидени со Законот за вработување на лицата со попреченост.

Тоа значи дека професии како што се: адвокати, лекари, нотари… се изземени од опфатот на овој Закон, а со тоа се создава поделеност, бидејќи лицата со попреченост можат да добијат поддршка само доколку се професионални активни во одредени области, вели тој.

Според Јовевски, потребно е да се прави разлика помеѓу стручно оспособување и професионална ориентација и да се работи на мерки и политики за нивно подобрување. Неопходно е да се редефинира и начинот на барањето за општата здравствена состојба при вработување.

Мора да се најде решение за да се поправат овие недоследности, вели Јовевски, но не преку препишување на добри практики од закони од други земји, туку преку земање во предвид на состојбите и потребите во Македонија, како и да се анализира применливоста на евентуалното законско решение.

Кога се менува Закон или се носи нов, треба да се направи подобар од претходниот, да решава повеќе проблеми, да се надминат недоследностите итн., порача Јовевски.

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.