И работодавачи имаат мака со лошите газди
Колумна на Бобан Илијевски
Денеска е првиот ден од примената на новото законско решение – „ден на неделен одмор“ или народски кажано, недела како неработен ден. Од Државниот инспекторат за труд излегоа со соопштение за тоа дека сите коишто денеска работат, треба тоа да пријават кај нив. Колку тоа го сториле ќе се види со текот на времето, како што ќе се видат и многу други работи. Нема да мораат институциите да излегуваат и да ја информираат јавноста за тоа дали се почитува ова законско решение или не, тоа ќе го направат самите работници. Потребно е само малку трпение и ќе се дознае дали е реално или пак популистичко законско решение.
Самата измена на Законот за работни односи во однос на тоа недела да биде неработен ден има свои недоречености и членови коишто веднаш би требало да бидат исфрлени затоа што се штетни за работниците. Од друга страна пак, може нема ни да дочека да бидат применети сите членови, со оглед на тоа што Стопанската комора на Северна Македонија планира го оспори пред Уставниот суд, па оттаму веројатноста дека ќе падне на истиот е голема. Доколку тоа се случи, ќе испадне дека залудно се дискутирало и работело на ова законско решение две години. Ако се прашувам јас, пред да беше донесено едно вакво законско решение, требаше прво да се започнат сурови реформи на трудовиот систем во Македонија, па откако истите успешно ќе беа направени, тогаш можеше да се отворат бројните прашања околу унапредувањето на правата на работниците. Како и секогаш, надлежните креираат закони и правилници, колку ете да ги има и да си рече народот дека нешто работат, но какво фајде има од Закон кој не е функционален или не ги штити интересите на работниците, па и на работодавачите.
Поголем дел од работниците, работодавачите ги ставаат во ист кош, но моето искуство од терен покажува дека тоа не е така. Работодавачите коишто ги почитуваат законите и даваат се од себе нивните вработени да останат мотивирани и задоволни, се оние коишто најмногу страдаат од лошите газди, кои за жал ги има во многу голем број. Сигурно имате забележано дека сега многу почесто работодавачите ги повикуваат инспекторите да вршат поинтензивни инспекциски надзори, што од една страна покажува дека сакаат да се издвојат од лошите газди, а од друга, дека и тие самите имаат мака од нив, поради тоа што им прават нелојална конкуренција. Мислам дека треба еднаш засекогаш да го запомниме фактот дека има работодавачи коишто воведуваат се подобри и понапредни пракси за да уште повеќе ги мотивираат своите вработени. Иако се во мал број, сепак постојат компании каде што платите се многу поголеми од просечната во државата, и тоа не зборувам за големи корпорации, туку за мали и средни компании.
Социјално и општествено одговорните работодавачи ќе го почитуваат законското решение за недела како неработен ден, но дел од нив предупредуваат дека газдите можат да го злоупотребат на повеќе начини, а еден од нив е преку намалување на основицата на плата, со што работниците кои работат во недела би земале иста плата како претходно. Јас лично се надевам дека ова нема да се случи, бидејќи инспекторите ќе си ја вршат својата работа, но искуствата од минатото велат дека постојат големи шанси да се случи тоа.
Како и секогаш, ќе оставиме на времето да покаже….

