- Advertisement -
КолумниНовости

„Каде ли само ќе ги трошиме овие 400 денари – Во трговските центри во недела изгледа?!“

3.2Kviews

Согласно членот 4 од Законот за минимална плата, таа ќе се зголеми за 400 денари и ќе изнесува 15,400 денари. Она што мене реално ми пречи е што ниеден политичар досега, не зборувам само за оваа Владата, туку 30 години наназад, не се осуди да го праша обичниот граѓанин како е да се живее со минимална плата. Има семејства каде што само еден работи за минимална плата, за него овие 400 денари не значат ништо, ама буквано ништо.

Колку само да укажам на тоа дека минималната плата е премногу мала, ќе ја споредам со потрошувачката кошница за декември 2020 година која изнесува 33,697 денари. Доколку во едно семејство двајца земаат минимална плата од по 15,400 денари, тоа се 30,800 денари, што значи дека примањата на двајца, во едно четиричлено семејство, врз база на кое се пресметува потрошувачката кошница, се за 2,897 помали од кошницата, а реално примањата треба да се поголеми од потрошувачката кошница. Од друга страна, инфлацијата е токолку изразена, што куповната моќ на граѓаните е на едно многу ниско ниво. Милион пати сум го кажал ова, ќе го кажам и сега. Нека земе некој 500 денари, нека појде до продавница и нека пазари, да види колку производи ќе може да набава со 500 денари, и тоа есенцијални (зејтин, шеќер, леб…). 

Би сакал да напоменам и дека реално ниеден работник не треба да зема минимална плата, таа треба да биде гранцата за тоа колку треба да изнесува најмалата плата. Сепак, голем број на мали и средни претпријатија не исплаќаат ниту минимална плата, што е поразително. На сметка на овие претпријатија, и оние компании коишто работат согласно законот и дури им даваат бонуси на своите вработени, се ставени во ист кош. 

Со минимална плата, не можеш да гледаш семејство. Само колку пари одат на режиски трошоци, а каде е храната. Луѓето сакаат и да излезат некаде, да одат на викенд, но каде, кога парите не им стигаат да ги задоволат само основните потреби. 

Мислам дека предлогот на КСС да се изземе Бруто домашниот производ од параметрите кои влијаат на растот на минималната плата, беше на место и логичен, но сепак има надлежни органи коишто одлучуваат какви политики ќе кројат. Да не се повторувам постојано, времето ќе го покаже своето. 

ПС: Најверојатно овие 400 денари ќе се трошат во трговските центри во недела.