- Advertisement -
ЕкономијаИнтервјуаМакедонијаНовости

Кадиевска – Војновиќ: Намалувањето на младата работноспособна популација е најголем ризик за економијата

Кадиевска - Војновиќ - Работник
1.37Kviews

Ексклузивно интервју на порталот Работник со Маја Кадиевска – Војновиќ, поранешна вицегувернерка во Народната Банка и економски експерт, во кое таа зборува за тоа какви се состојбите на пазарот на трудот, работната сила во ек на пандемијата предизвикана од вирусот Ковид – 19, како и на други теми.

Во продолжение е целосното интервју:

Работник: Според Вас, како корона кризата влијае врз пазарот на трудот во Македонија?

Кадиевска – Војновиќ: Кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19 пред сѐ го загрозува животот на луѓето, односно е ризик за губење на човечки животи кои се еден од главните фактори на производство во секоја економија. Изгубените човечки животи значат и помалку работноспособна сила во домашната економија. Тоа е првото и основно негативно влијание врз пазарот на труд од оваа пандемија, како и од сите претходни падемии кои ги познава човештвото. Мислењата дека кризава ќе има привремен карактер од еден квартал и дека ќе исчезне веднаш, беа нереални од самиот почеток. Пандемиите од ваков тип траат подолг временски период и бараат примена на заштитни мерки за ограничување на заразата.  Државите од Азија кои имаа искуство со пандемии и коишто тековно имаат примена на висока техологија и дисциплина за справување со истите, подобро поминуваат во тековната криза. За разлика од нив Европа, САД, Латинска Америка бележат негативни статистики.

На почетокот на кризата, речиси сите држави ги применија со векови старите мерки за ограничување на заразата. Европските земји ги применија истите мерки и во текот на вториот- есенскиот бран на кризата. Кај нас примената на строгите здравствени мерки за ограничување на заразата во првиот бран на заразата стави клуч на врата на некои фирми, практично, тие се затворија со одлука на Влада. Други имаа намален обем на работа заради пониска мобилност и побарувачка во услови на држење на дистанца, што е присутно и во тековната ситуација. Ваквата состојба значајно ја нарушува ликвидноста на домашните фирмите, особено на микро и малите претпријатија во услужниот сектор. Затворените граници, заедно со намалената надворешна побарувачка се рефлектираат со нарушена ликвидност и во секторот на разменливи производи и услуги. Туризмот, транспортот, извозно -ориентираниот индустриски сектор се погодени од кризата. Тековно, и покрај што нема воведен полициски час и карантински мерки, како во првиот бран на кризата, примената на здравствените мерки кај некои дејности (рестораните не работат поселе 21 часот), а кај други заради забрана на групирање (кина, театри итн.) се ризик за вработените во тие дејности.

Што говорат податоците? Последните податоци од Анкетата на работна сила (АРС) од Државниот завод за статистика за третиот квартал на 2020 година ги потврдија моите очекувања за состојбите на пазарот на труд од почетокот на пандемијата. Имаме позначајно намалување на бројот на вработените коишто не се пријавуваат како невработени туку се преместуваат во категоријата на неактивното население. Затоа истите не се јавуваат во стапката на невработеност која речиси да стагнира. Наспроти оваа статистика, според евиденцијата на невработени од Агенцијата за вработување од крајот на февруари до октомври 2020 година, бројот на невработени лица се зголеми за 47.983 (други лица кои бараат работа се намалени за 187). Притоа, Агенцијата напоменува дека со состојба на 31.10.2020 година евидентирани се 15.858 невработени лица по основ на прилив од работен однос за кои престанокот односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот после 11.03.2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од КОВИД-19 вирусот. Резидуалот од 32.125 лица се нови пријавени невработени, кои во преходниот период немале прилив од работен однос. Истите, можеби биле во статистиката на неформално вработени, односно работници за сопствена сметка надвор од формалниот сектор, семејни работници и вработени без формални договори (според класификација на АРС).

И покрај разликите за бројот на невработени, сепак она што е јасно е дека од почетокот на Ковид-19 кризата поточно во вториот и третиот квартал на годината имаме намалување на бројот на вработени за вкупно 25.545 лица. Намалување на вработените има во рамки на возрасната група од 24-49 години, и тоа повеќе кај мажите отколку кај жените. Стапката на невработеност кај најмладите (во групата 15-24г.) е највисока и е задржана како и во првиот квартал од годината на 34,8%. Според АРС, бројот на невработени (активни баратели на работа) е намален за двата квартала за 1.052 лица, што заедно со намалениот број на вработени значи дека работната сила или активното население е намалено за вкупно 26.597 лица. Овие лица од активно население, преминале во неактивно население (не бара работа). Воедно, и малиот прираст на работноспособното население за овој период (од само 505 лица) го зголемува бројот на неактивните, којшто по сите овие движења во двата квартала на 2020 година е зголемен до 27.102 лица.

Извор: податоци од ДЗС и НБРСМ.

Со едноставни зборови, сите што останале без работа, дел од оние што биле пријавени како невработени во претходниот период, плус и новото работноспособно население – сите овие лица се нактивни односно не бараат работа. Истите не се отсликуваат во стапката на невработеност – којашто е сооднос на невработените и работната сила и којашто стагнира за овој период. Конкретно, во третиот квартал на годината имаме дури и подобрување на стапката на невработеност т.е намалување. Бројот на невработени е намален во овој квартал за 2,5% (кои идат во категорија неактивни), а во исто време имаме намалување на работната сила за 1,2%. Поинтензивниот пад на бројот на невработени од падот кај работната сила значи дека има мало намалување на стапката на невработеност од 16,7% во Кв.2 на 16,5% во Кв.3 2020 година. Но, ова не ја отсликува вистинска состојба која е далеку позагижувачка и покажува на негативни тенденции на пазарот на труд, односно висок број на лица кои НЕ бараат работа.

Работник: Што според Вас ќе биде со работниците во приватниот сектор?  Согледувајќи ја сегашната ситуација, колкав ќе биде бројот на отпуштања поради пандемијата?

Кадиевска – Војновиќ: Податоците од АРС покажуваат дека во двата квартала од кога трае кризата со КОВИД-19 бројот на вработените лица е намален за 25.545 лица, а од нив 22.668 се од приватниот сектор. Во рамки на приватниот сектор, намалувањето е во најпогодените сектори од кризата т.е транспорт и сладирање, административни и помошни услужни дејности, преработувачка индустрија, земјоделство, трговија на мало и големо, дејноста на здравствена и социјална заштита, рударство, финансиски сектор, дејности во врска со недвижен имот и умерност, забава и рекреација. Од друга страна зголемување на вработените во приватниот сектор има кај дејноста стручни, научни и технички дејности, градежништво, информации и кумуникации, образование и други услужни дејности. 

Извор: податоци од АРС, ДЗС (проценка кај некои дејности од ДЗС).  

Работник: Како гледате на досегашните мерки кои Владата ги презеде и дали истите ќе помогнат да се зачуваат работните места или ќе бидат потребни дополнителни мерки?

Кадиевска – Војновиќ: Трансферите на Владата до фирмите со коишто се субвенционираат плати обезбедија ликвидност за исплата на плати на вработените и овозможија да се задржат работните места. Вкупната поддршка за фирмите за оваа намена во 2020 година, вклучително и за последниот квартал, ќе биде околу 150 милиони евра. Во првата помош беа околу 80 милиони евра (април, мај и јуни), мерката ја искористија околу 20.000 фирми, со што се зачуваа 120.000 работни места – според официјалните објави на УЈП. Втората поддршка, за последниот квартал на 2020 година, е понасочена и потаргетирана според неколку прагови на ранливост на приходите на фирмите. Покрај оваа мерка, беше применето субвенционирање до 50% за придонеси за погодени фирми и одлагање на аконтации на даноци, во услови на значајно влошена ликвидност.

Одлагањето на доноци и трансферите до фирмите за исплата на плати како мерка, на ваков или сличен начин беше имплементирана во повеќе земји од ЕУ, за разлика од САД, каде што немаше државен интервенционизам, односно се остави пазарот на труд флексибилно да се адаптира на промени, а притоа новопријавените невработени да имаат пристап до помош при невработеност. Во третиот квартал на годината кога трансмисијата на заразата се намали во САД дојде и до брза надолна корекција на стапката на невработеност од високите нива кои беа постигнати при првиот бран на кризата.

Мое мислење е дека потаргетирано субвенционирање на плати за најпогодените сектори, како што е направено во последниот сет на мерки, треба да се задржи и во наредниот период со цел задржување на вработените и исплата на плати. Ако не, ќе треба во буџетот за 2021 година да има зголемување на средствата за Агенцијата за вработување, да се направи промена во опфатот на лица кои се подобни за помош при невработеност и да се пролонгира периодот на добивање на помошта. Со еден збор, ако нема трансфери треба да се остави автоматските стабилизатори на фискалната политика да делувааат во услови на криза. Државата треба во секој случај да помогне на луѓето кои остануваат без работа.

Кога според Вас, може да се очекува стабилизирање на пазарот на трудот? Како и, дали сметате дека ќе има одлив на работна сила по завршувањето на пандемијата?

Кадиевска – Војновиќ: Пандемијата со Ковид-19 е шок од неекономска природа, но истиот се прелеа врз сите сегменти на економијата. Неговото влијание на пазарот на труд може да се подели на среден рок и долг рок. Влијанието на среден рок го вклучува губењето на работни места заради затворена или значајно намалена активност во некои дејности кои се на удар на примената на мерките за ограничување на заразата. Воедно, и покрај тоа што останати дејности работат и директно не се погодени од мерките, кај нив во услови на пониска побарувачка (домашна или странска) има намалување на приходите, што бара рационализација на трошоците. До кој степен ќе има намалување на вработените во тие фирми ќе зависи од тоа со каква финансиска моќ влегоа компании пред кризата. Најпогодени се микро и малите претпријатија, кои и пред кризата не држеа ликвидносни и капитални бафери, за разлика од поголемите компании кои имаа постабилно финансиско работење и повисоки капитални бафери. Затоа трансферите од државата за заштита на работните места беа добредојдени.

Брзото влијание на кризава имаше најголем одраз кај одредени категории на вработени. Истата најверојатно најмногу се одрази кај самовработените (кои во 2019 година се околу 14% од вкупно вработените) и кај лицата со привремено вработување (кои се околу 16% од вкупно вработените) – од причина што кај нив постои поголема флексибилност во раскинување на договорите. Исто така, како што споменав погоре влијанието на кризата е и кај лицата кои се неформално вработенени, а на крајот од 2019 година беа околу 16% од вкупната вработеност. Овие проценти се пониски ако споредиме во регионални рамки, што ја намалува ранливоста за позначајно зголемување на невработеноста.

Доколку наредна година дојде по постепена стабилизација на заразата, преку ефикасна вакцинација и постигнување на процент на население којшто ќе спречи понатамошо ширење на заразата, тогаш можно е постепено враќање на состојбите на пазарот на труд. Можно е враќање и на патувањата помеѓу државите со претходно воспоставени протоколи. Стабилизацијата на заразата ќе значи и стабилизација на услужниот сектор и постепена стабилизација на домашната и странската побарувачка – а со тоа и на индустријата.

Но какво ќе биде долгорочното влијание на кризата? Прво, стапката на смртност е повисока кај постарите, но заразата зема и млади животи, што значи трајно намалување на работноспособното население. Второ, кризата ќе ја намали финансиската моќ на компаниите на среден рок – што ќе значи помал потенцијал за ширење на активностите и отварање на нови работни места. Трето, оваа криза носи структурни промени. Одредени активности на компаниите се повеќе ќе се насочуваат дигитално, што ќе бара преквалификација на одреден сегмент на работната сила. Доколку не се прилагодиме на дигиталното време – ќе имаме структурна невработеност на долг рок. Четврто, одливот на младите од државата може привремено да се намали, но на долг рок е голем ризик за економијата. Високите стапки на невработеност кај младите беа поттик за одлив на мозоци од земјата, тренд којшто во последните години беше со изразено темпо. Намалувањето на младата работноспособна популација е најголем ризик за понатамошниот потенцијал на економијата, во услови на раст на старосната зависност и ниска стапка на фертилитет. Петто, како што беше нотирано во Извештајот на Европската Комисија (European Economic Forecast, spring 2020) во делот на пазар на труд во С. Македонија “… прекинот на производството на компаниите доведе до присилни годишни одмори и кратења во платите. Повеќето основани странски компании досега се воздржаа од отпуштања, претпочитајќи да задржат квалификувани работници. Во изминатите години, многу работни места беа поврзани со трошење на владата, мерки за вработување, странски директни инвестиции – СДИ, јавни работи. Овие средства може да се намалат сега, што би го одложило враќањето на пазарот на трудот во динамиката пред КОВИД”. Затоа, веднаш ни е потребна јасна стратегија за раст на економијата во периодот по Ковид-19 кризата. Треба да почнеме денес за да спречиме долгорочна невработеност.  

Бобан Илијевски