МакедонијаСветот на работникот

Како Владата ќе се справи со над 80,000 луѓе кои работат на црно?

   Време за читање 2 минути

Сивата економија претставува рак рана на македонското општество. Податоците велат дека Македонија е една од државите со највисоки стапки на сива економија во Европа. Според Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“, сивата економија Македонија ја чини 700 милиони евра годишно, а над 80,000 работници работат во неформалниот сектор, во најголем дел во градежништвото, земјоделството и трговијата.

Порталот Работник ја праша Владата како планира да се справи со сивата економија и нефромалните вработувања, како и за тоа како планира да ја спречи злоупотребата на социјалната помош од оние кои работат на црно.

Владата ја зацврстува својата заложба за фискална дисциплина и транспарентност преку унапредување на системите за даночна наплата и дигитализација на процесите, особено во економијата и социјалната политика. Се работи на нов Регистар на приматели на социјална помош, со цел подобро насочување на државната поддршка кон лицата на кои навистина им е потребна, како и спречување на злоупотреби. Идентификувањето на лица кои работат непријавено, а истовремено се приматели на социјална помош, ќе придонесе за намалување на сивата економија, велат од Владата.

Луѓето работат во сивата економија од различни причини. Некои заработуваат повеќе пари на тој начин, но притоа се оставаат себеси без пензиско и здравствено осигурување, па во случај на повреда на работно место, многу потешко можат да дојдат до лекување. Некои можеби сметаат дека можат да имаат повеќе извори на приходи (социјална помош плус заработката од работата на црно), но на крај се’ се сведува на фактот дека работата на црно не ја оштетува само државата, туку и луѓето. Парите од социјалната помош кои ги земаат оние кои работат на црно, можат да се дадат на луѓето на кои навистина им е потребна.

Од друга страна, фирмите кои работат на црно им се нелојална конкуренција на легалните. Повеќегодишното искуство од работењето на оваа тема ни покажува дека и самите работодавачи сметаат дека државните органи мора да ја намалат сивата економија, бидејќи им наштетува и на самите компании кои работат во рамките на законите.

Дали оваа Влада ќе успее кончено да оствари напредок во оваа поле, останува да покаже времето.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.