Ковачевски: Работниците да не се плашат за својата работа, ова не е време на изобилие, туку солидарност

Премиерот Димитар Ковачевски денеска учествуваше на панел дискусија „Социјално-праведна енергетска трансформација на Европа” во организација на фондацијата „Фридрих Еберт“, меѓународниот центар „Олоф Палме“ и Прогрес – Институтот за социјална демократија.

Ковачевски истакна дека енергетската криза со која се соочува цела Европа и светот ни покажа дека само со меѓусебна поддршка можеме да обезбедиме стабилност на енергетскиот систем, но и да размислуваме за производство на струја од обновливи извори на енергија.

„Не смееме да дозволиме како во времето на транзицијата луѓето да остануваат без работа бидејќи јас и тогаш сум зборувал и сега таа транзиција беше направена комплетно без концепт, затоа огромен број на работници во државата останаа без своите работни места. Тоа во овој случај нема да биде дозволено. Работниците ќе бидат тренирани и ќе работат на новите централи кои ќе се градат“, истакна Ковачевски.

„Утопија е доколку некој мисли дека лигнитни централи во текот на наредните години ќе бидат затворени. Секој кој ќе го каже тоа мислам дека прави грешка во старт, со оглед на недостатокот на електрична енергија кој го има во Европа особено на базна електрична енергија бидејќи да не заборавиме фотоволтаиците и ветрот не обезбедуваат базна енергија.

Дополнително по прв пат имаме понуда за изградба на хидро електраната Чебрен која треба да биде најголем производствен капацитет од тој тип во регионот и да обезбедува балансирање не само за електроенергетскиот систем на Северна Македонија туку и за регионалниот. Се надевам дека таа евалуација ќе заврши позитивно.

Владата веќе разговара со инвеститори со реномиран карактер, тоа се три големи инвеститори, едниот од Германија, ВПД, АКУО од Франција и Милитинеос од Грција. ВПД е во преговори за изградба на 400 мегаватна ветерна централа во североисточниот дел од Северна Македонија. АКУО за изградба на фотоволтаична централа исто така од 400 мегавати во штипскиот регион и Милитинеос за изградба на когенеративна гасна централа во Скопје кои ќе треба да дадат дополнителна електрична енергија за државата“, кажа Ковачевски.

Ппорача на сите кои се вработени на своите работни места и во РЕК Битола и во Осломеј дека воопшто не треба да стравуваат за своите работни места бидејќи овие електроенергетски капацитети ќе продолжат со работа на среден рок.

„Кога водите Влада вие можете да сметате и мора да работите на инвестиции во нови производи на енергија, меѓутоа не смеете да бидете авантурист и државата да ја оставите без електрична енергија. Дополнително тие ќе бидат тренирани за работа на новите централи кои ќе се градат. Државата обезбедува субвенција на електричната енергија од 80%. Истото се однесува на 72.000 компании коишто работат на регулираниот пазар и кои исто така добиваат субвенционирана електрична енергија сè со цел да се заштити животниот стандард и работните места на граѓаните“, соопшти Ковачевски.

Според него владата обезбедила директна финансиска помош и за компаниите и за граѓаните со пакети од антикризни мерки од 760 милиони евра.

„Со оглед на тоа дека ги поддржавме најранливите категории на граѓани во општеството, на пензионерите со најниски примања, ја зголемивме минималната плата на 18.000 денари, ги зголемивме пензиите 10%. Сметам дека тоа се социјалдемократски политики кои мора да бидат применети во вакво време. Ова не е време на изобилие, ова е време на солидарност“, рече Ковачевски.