- Advertisement -
НовостиПравдаСветот на работникот

Ковид – 19 треба да се смета за професионално заболување и кај работниците што се изложени на истиот

Дали светот - Работник
315views

Поради фактот дека САРС-КоВ-2 вирусот е нова биолошка штетност што ја предизвикува болеста Ковид-19, а во согласност со директивата на Европската комисија од 3 јуни 2020 година, се наметна потреба за усогласување на  целокупното наше законодавство од областа на безбедност и здравје на работа со оваа Директива, но и со перпораките на дугите организации како што се Меѓународнара организација на трудот и Светската здравствена организација. Тоа произлегува од фактот дека од Ковид-19 заболуваат голем број на работници на своите работни места и тоа како последици на контакт со заразни болни или контакт со корисници на услуги кои во услови на пандемија може да бидат болни или само носители на САРС-КоВ-2 вирусот (образование, јавен транспорт, малопродажба, сервисни услуги, снабдување со вода, храна и др.). Но, овие измени треба да се прават многу внимателно и со почитување на веќе воспоставените темелни принципи на безбедноста и здравјето на работа. Еден од тие правилници што требаше да се менува и усогласува е и Правилникот  за Листа но професионални болести. Таа измена беше направена во мај месец минатата година и Ковид-19 се вметна како нова професионална болест. Но, се чини дека оваа измена донесе повеќе проблеми отколку корист и наметна сериозни нееднаквости меѓу работниците што работат на ризични работни места.

Имено во новиот Правилник за Листата на професионални болести што е објавен во Сл. Весник на РСМ бр. 118/20 и во него е внесена нова точка 408 која гласи: 

Проф. д-р Елисавета Стикова, доктор специјалист по медицна на труд во Институтот за јавно здравје на РСМ посочува дека треба да се направи итна измена и дава свое образложение зошто таа треба да се направи час поскоро, иако измената е донесена неодамна и токму со цел за признавање на Ковид-19 како професионалан болест кај изложените работници. Во своето образложение таа вели дека насловот на професионалната болест во новата Листа на професионални болести е нејасен и е измешано името на болеста со предизвикувачот, но дека тоа може да биде и прашање од технички карактер, иако подзаконските акти не трпат импровизација во својата примена.

Но, таа нагласува дека постојат и многу други, суштински прашања што мора да се корегираат преку измена и дополнување на Правилникот за листата за професионални болести од мај месец минатата година. Како појаснување за понатамошната аргументација таа истакнува дека за секоја професионална болест во листата, покрај насловот(името) на професионалната болест треба да бидат исполнети и сите услови и критериуми што се наведени таму, за да може една болест да биде признаена за професионална. И токму во овој дел, таа укажува на поголем број на превиди и неусогласености поради кои признавањето на Ковид-19 како професионална болест е отежнато или комплетно невозможно.

Имено, во категоријата „Услови“ стои дека Ковид-19 како професионална болест може да биде признаена кај лекарите и другиот медицински персонал и некои други категории на работници, но исклучиво од секторот здравство и ветерина. Со тоа се занемарува фактот дека и другите т.н. есенцијални работници во првата линија на одговор во т.н. критични сектори (образование, сервисни услуги, производство на храна, дистрибуција на вода и струја, угостителство, малопродажба, јавен транспорт и др.), можат ПРОФЕСИОНАЛНО да бидат изложени на САРС-КоВ-2 вирусот, како последица на карактеристиките на нивните работни задачи. Исто така, зараза со САРС-КоВ-2 вирусот може да се случи и кај оние работници што работат во поголеми работни простории во групи, каде се создаваат услови за појава на кластери на инфекција. Иако во овие случаи инфекцијата не е последица на потенцијален контакт со заразен пациент и/или странка и корисник на услуга, сепак е последица на ширење на вирусот во колективот. Во тој случај многу веројатно тоа е последица на несоодветно преземање на мерки за заштита од страна на работодавачот, а за работникот тоа значи дека инфекцијата/болеста сепак ја добил на своето работно место. Оттука јасно произлегува дек со вака дефинирани услови се генерира нееднаквост и дискриминација меѓу одредени категории на работници кои работат во услови на професионална експозиција на САРС-КоВ-2 вирусот, но едните можат да ги користат бенефициите по основ на професионална болест, а на другите тгоа право им е комплетно ускратено.

Понатаму, проф. Стикова истакнува дека во целата точка 408 никаде не се споменува проценка на ризик, која претставува базичен елемент на кој се темели целокупниот систем за безбедност и здравје на работа кај нас и во светот. Оттука, не може ни да се помисли на професионална болест, доколку претходно не е утврден зголемен ризик на рботното место, затоа што ако нема зголемен ризик, нема ни предуслов за појава на професионална болест.

Наспроти тоа, во „Услови“  наместо проценка на ризик стои дека е потребна позитивна работна анамнеза, што во никој случај, не може и не смее да ја замени методолошката постапка за квантификација на веројотноста за инфекција и  појава на болест. Анамнеза се зема од работникот (распрашување на работникот), кој ниту е квалификуван, ниту знае што е ризик на работно место, како тој се квантифицира и како тоа влијае врз постапката за признавање на Ковид-19 како професионална болест.

Според проф. Стикова во категоријата „Критериуми“ стои дека како професионална болест се третира секое заболување со или, сосем нелогично, без клиничка слика на заразна болест, веројатно мислејќи при тоа на асимптоматските случаи на Ковид-19. Асимптоматските случаи се значајни за превенција на ширење на болеста во заедницата и на работните места, но тие секако не можат да бидат прогласени за професионални заболувања, затоа што едноставно во тие случаи нема болест.  Согласно нашиот закон за пензинско и инвалидско осигурување, за да има професионална болест треба да има долготрајна изложеност на некоја професионална штетност што предизвикало појава на болест и довела до промена во работната способност. Ова уште еднаш покажува дека прележување на акутна болест и уште повеќе, асимптоматски случај на Ковод-19, во ниту еден случај не може да биде професионална болест.

Од друга страна, таксативното назначување дека дијагнозата треба да биде поставена од инфектолог, а како доказ да се има ПЦР тест, целосно е несоодветно на практиката поврзана со пандемијата кај нас. Имено по отварањето на ковид-центрите дијагнозата ја поставува и лекувањето го спроведуваат и доктори од други специјалности, како и избраните/матичните доктори, а во меѓувреме и сетот на дијагностички тестови се прошири и се воведоа и други дијагностички тестови, различни од ПЦР. На ваков начин сериозно се оневозможува дијагнозата на Ковид-19 како професионална болест.

Се ова сериозно влијае на постапката за признавање на Ковид-19 како професионална болест кај сите работници кои работат на работни места каде постои зголемен ризик за инфекција со САРС-КоВ-2 вирусот. Листата на занимањата каде постои тој ризик е утврдена од сите организации што се занимаваат со безбедност и здравје на работа (МОТ, СЗО, ЕУ и др.). Во контекст на ова, проф. Стикова нагласува дека признавањето на една болест за професионална е дел на фундаменталните права на работниците, а даденото право Ковид-19 да биде професионална болест само кај еден мал сет на здравствени и други занимања блиски до здравствената дејност, претставува основ за нееднаков пристап кон работничките права и можност за дискриминација меѓу работниците. Поради тоа, Институтот јавно здравје на РСМ и Македонското здружение за заштита на работа, до надлежните институции доставија предлог за измена на точка 408 од Правилникот за Листата на професионални болести со која правото на утврдување на КОВИД-19 како професионална болест ќе им биде дадено на сите работници кои работат на работни места каде постои зголемен ризик за инфекција со САРС-КоВ-2 вирусот. Во тој предлог е направена и корекција на називот на професионалната болест, како и предлог за други корекции на условите и критериумите, со што ќе се овозможи стручен и професионален пристап при прогласувањето на ковид-19 како професионална болест, соодветни на нашата практика и реалност.

Меѓутоа, проф. Стикова се осврнува со детална анализа со предлог за надминување на еден многу голем и сериозен проблем во имплементирањето на овој правилник.  Имено, како што е изнесено и погоре, во Законот за пензинско и инвалидско осигурување стои дека професионалната болест (било која, нема никакви исклучоци) треба да биде последица на долготрајно дејство на штетен фактор, што оставило трајни последици по здравјето и работната способност на изложениот работник.

Таа додава дека во случајот на Ковид-19, болеста не е последица на долготрајна изложеност, туку станува збор за краткотрајно, непланирано и несакано дејство кое довело работникот да биде изложен на вирусот САРС-КоВ-2,  кое довело до појава на акутна заразна болест. Токму поради тоа, во согласност со законските прописи и објективната практика, во овој момент   Ковид-19  треба да биде третирано како несреќа на работа.

Впрочем и во упатството нн ФЗО стои дека за признавање на Ковид-19 како професионална болест, најнапред работодавачот мора да достави пријава за несреќа на работа и таа пријава е задолжителен составен дел на документацијата за признавање на Ковид-19 за професионална болест. Она што е дополнително нереално, таа несреќа веднаш се признава за професионална болест, без да се исполнети условите од Законот за ПИО (долготрајно дејство на агенс, трајни последици по здравјето и промена во работната способност).

„Доколку во периодот што следи по прележувањето на Ковид-19 како акутна заразна болест, се развијат и/или останат останат трајни последици врз здравјето и поради тоа дојде до промена во работната способност, таквиот работник ТРЕБА дополнително да биде упатен за утврдување на професионална болест како последица на прележување на акутна заразна болест Ковид-19, истакнува проф. Стикова.

Затоа, во овој момент, кога се соочуваме со Ковид-19 како акутна болест, таа кај професионално експонираните работници  ТРЕБА да се третира како несреќа на работа. Во тој случај, привремената спреченост за работа во текот на целото траење на боловањето на заболените лица ТРЕБА да им биде исплаќана во износ од 100% од плата. 

Ова признавање треба да оди по автоматизам и тоа за сите работници кои работат на работни места каде постои зголемен ризик за инфекција со САРС-КоВ-2 вирусот, целосно свесни дека во тој случај таа бенефиција би ја користеле и одреден (секако мал број на работници) кои можеби не се инфицирале на работното место. Но, доколку се прифати овој пристап, нема да има потреба работодавачите да потпишуваат изјава за несреќа на работа, со што индиректно признаваат дека не ги презеле сите мерки за заштита и свесно, со своето непреземање го загрозиле животот и здравјето на своите работници, што биле должни да го направат. Тоа нивно признание може да покрене многу сериозни етичко-правни дејствија, кои произлегуваат од Законот за безбедност и здравје на работа и од Конвенцијата на МОТ за бенефиции во случај на повреди ан работа и професионални болести, која РСМакедонија ја има ратификувано, што наметнува обврска за нејзино целосно спроведување во практиката.

Со овој предлог за признавање на несреќа на работа по автоматизам и исплаќање на боловањето во износ од 100%, не се ускратуваат правата на работниците, а се овозможува одредена правна заштита на работодавачите за нивно неоправдано санкционирање, особено доколку тиа навремено ги примениле сите превентивни и корективни мерки за заштита на здравјето и работната способност на професионално експонираните работници, што се утврдени во изјавата за безбедност и проценка на ризик при изложеност ан САРС-КоВ-2 вирусот, вели проф. Стикова.

Порталот Работник неодамна испрати прашања до Министерството за здравство, за тоа зошто Ковид – 19 не е признаена како професионална болест и кај другите работници коишто има ризик да се заразат на работните места, како и за тоа зошто во Комисијата за заразни болести нема стручно лице по безбедност и здравје при работа или доктор на медицина на труд, но до објавување на текстот, оттаму не добивме одговор. 

Бобан Илијевски