КолумниНовости

КОЛКУ ЌЕ ВРЕДИШ ТОЛКУ ЌЕ БИДЕШ ПЛАТЕН – Од нас зависи колку ќе заработуваме

   Време за читање 3 минути

Автор: Бобан Илијевски

Голем дел од луѓето сакаат да имаат добро платена работа со примања кои ќе ни овозможат пристоен живот. Но, едно е да сакаме, а друго е да ги засукаме ракавите и да направиме нешто за да го оствариме тоа.

Живееме во време на дигитализација и интернет. Во време кога со неколку „тапкања“ по екранот на паметниот телефон можеме да пронајдеме еден куп на информации за разни работи – од бесплатни курсеви преку кои можеме да се стекнеме со одредени вештини кои ќе не направат поконкурентни на пазарот на труд, преку бесплатно преквалификување за поплатена работна позиција, до инструкции за тоа како можеме да започнеме онлајн бизнис од кој би можеле да добивавме пасивни приходи.

Токму вчера, додека седев дома, ми текна да пребарам на интернет како да се започне блог. Ми требаа отприлика пет минути на Гугл да ги најдам потребните информации. Статијата којашто ја пронајдов, ги објаснува сите чекори. Буквално, од почеток до крај.

Пред триесетина година, нашите предци ако сакале да дојдат до одредени информации за нешто им требало денови за да го направат тоа. Во денешно време, нас ни се потребни само неколку минути.

Ова, во суштина е една од најпозитивните страни на паметните телефони. Не мора ниту лаптоп да отвораш за да пребараш нешто, бидејќи телефонот секогаш е до тебе.

За жал, многумина времето кое можат да го потрошат на пребарување на информации кои имаат потенцијал да им помогнат, го трошат на непродуктивни работи. Гледаат некакви видеа (што не е ништо лошо, но ако не е претерано), си ја намалуваат самодовербата преку гледање на фотографии на социјалните мрежи на кои е претставен некаков „раскош“ и слично.

Во ред е да се користат социјални мрежи, но, барем според мене, не е во ред кога паметните телефони се користат само за тоа.

Има еден куп на статии и видеа – туторијали кои можат да ви послужат да научите нешто што многу ќе ви користи. Покрај тоа, има и евтини курсеви кои можат многу да ви помогнат.

Колку што имам прочитано и научено во овие неколку години користејќи го токму интернетот, толку немам учено на училиште. Стекнувањето на знаење и вештини никогаш не може да наштети, може само да помогне. И тоа многу.

Сето ова што го читате е базирано на моето искуство. Јас морав сам да учам како да ја работам мојата работа, па ги користев и сѐ уште ги користам бројните ресурси кои ги овозможува интернетот.

Многу добро знаат сите оние кои немале/немаат ментор или обучувач, колку е тешко кога работата зависи во најголем дел од тебе, па мораш да се бориш да научиш како успешно да ја сработиш. Не дека се жалам. Напротив. Благодарение на тоа поминав низ „сито и низ решето“ и се изградив во многу подобар и постамен човек, отколку што би бил кога би имал ментор.

Кога учиш и стекнуваш вештини на своја глава е многу потешко, но поради фактот што речиси си се соочил со многу пречки, полесно ќе можеш да ги надминеш оние кои допрва ќе ти излегуваат на патот.

Фото: Pixabay

Бобан М. Илијевски

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.