НовостиСветот на работникот

ЌЕ МОРА ДА ЈА ПРИФАТАТ НОВАТА РЕАЛНОСТ: „Ова не е нешто што се прави преку ноќ, но мора од некаде да се почне“

   Време за читање 4 минути

Автор: Бобан Илијевски

Намалувањето на работното време веќе подолг период зема замав во светот. Најеклатантен пример за тоа е воведувањето на моделот на четиридневна работна недела, но и тестирањето на истата, во повеќе земји од Европа.

Каде е тука Македонија?

Бобан Кочовски, познавач и практичар од областа на човечките ресурси за порталот Работник вели дека работното време би требало да се намали во Македонија во блиска иднина оти тоа носи многу поголеми бенефити од штети. Сепак, констатира дека голем број од работодавачите не би се согласиле на овој потег, бидејќи се научени да го „искористуваат човечкиот потенцијал во интензитет близок до грубата експлоатација“.

Тој е убеден дека времињата се менуваат, па како што вели, порано или подоцна, работодавачите ќе мораат да ја прифатат новата реалност која налага обезбедување на почовечни работни услови.

Скратената работна недела, објасни, се применува во неколку развиени европски земји, меѓу кои се и оние од Скандинавија, кои како што вели, „бележат успеси на социо-економски план“.

„Пред се, тоа се должи на зголеменото задоволство кај работниците кое доаѓа од зголемениот баланс помеѓу приватното и професионалното. Ова пак, ја зголемува нивната продуктивност и им носи поголем профит на самите работодавачи“, вели Кочовски.

Среќен работник е продуктивен работник, додаде тој.

Овие држави, појасни, имаат применето неколку мерки за намалување на работната недела, меѓу кои:

  • Четиридневна работна недела
  • 6 часовно работно време
  • Флексибилност на работното време и сл.

Некои од земјите, вели тој, се стремат и кон воведување на работно време базирано на исполнување на работните обврски, наместо досегашното фиксно работно време. Ова значи дека работниците би работеле онолку часа колку им се потребни за да ги завршат работните обврски, а за тоа, може да им треба многу помалку време од осум часа.

„Сето ова е применливо и во Македонија, секако доколку социјалните партнери покажат интерес и зрелост за тоа. Ова не е нешто што се менува преку ноќ, но факт е дека од некаде треба и мора да се почне“, вели Кочовски и додава дека останува само прашањето дали како држава ќе се стремиме кон ова или истото ќе биде искористено како ПР мерка за глас повеќе.

Намалување на работната недела во земјите од Европа и светот

Веб страната за огласи за работни позиции кои предвидуваат скратено работно време, 4dayweek.io, има листа на која се наоѓаат земји од Европа и светот кои или го имаат воведно овој модел, го тестираат или планираат да го тестираат.

На пример, Исланд е една од земјите во кои има скратено работно време, кое се вовело благодарение на тестирањето на моделот на четиридневната работна недела. Како резултат на тоа, 90 % од вработените во оваа земја работат помалку работни часови од претходно.

Белгија е една од земјите која има воведено четиридневна работна недела, базирана на моделот 4х10 – четири дена работа по 10 часа. Работниците во Белгија и понатаму работат 40 часа, но сега имаат три слободни дена.

Една од земјите во која се експериментира овој модел е Канада, каде десетици компании се приклучиле на оваа пилот програма, додека во Австралија наскоро треба да започне нејзиното тестирање.

Вредно е да се напомене дека Владата на Шкотска издвоила 10 милиони фунти, за да им помогне на компаниите во приватниот сектор да го тестираат овој модел.

На листата на оваа веб страна има уште многу земји кои ја тестираат или пак планираат да ја тестираат четиридневната работна недела.

За потсетување, целта на овој модел е да се работи помалку, но за иста плата.

Фото: Shutterstock

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси