Кочничарот на растот на платите во државата Македонија

Автор: Бобан Илијевски

Државата има должност да му овозможи на приватниот сектор непречено да функционира преку сите механизми кои ги има на располагање. Бизнис секторот најмногу се жали на лошата инфраструктура, преголемите финансиски обврски кон државата итн. Ова не го велам јас, туку бизнис секторот. Според претставници на истиот, ова е една од најголемите причини поради која стагнира растот на платите во приватниот сектор. Со оглед на тоа дека бизнис секторот и работниците се причинско – последично поврзани, тоа значи дека се што се одразува негативно на бизнис секторот, се одразува негативно и на работниците. Затоа и тие во се поголем број ја напуштаат државата, а севкупно граѓаните, се помалку го зголемуваат наталитетот. Нели, помали плати значи помал стандард, а поголеми плати поголем стандард.

Мислам дека нема потреба да се повикувам на податоци од Државниот завод за статистика, бидејќи на сите ни е јасно дека наталитетот е доста опаднат, а морталитетот е зголемен.

Согледувајќи го сето ова, можеме да заклучиме дека она што го споменав погоре е меѓусебно поврзано. Немањето на услови за функционирање на приватниот сектор предизвикува незадоволство кај работодавачите, тоа пак, предизвикува незадоволство кај работниците или граѓаните, а сето тоа се одразува на целото општество. Мислам дека оние коишто седеа и седат во Владата, откако Македонија е самостојна држава, многу добро тоа го знаат. Знаат и што треба да направат но… На сите ни е јасно што е работата.

Еден голем проблем со којшто се соочува македонското стопанство или приватен сектор е извозот на производи кои имаат мала додадена вредност, но и малиот број на земји во кои ги извозуваме нашите производи. Ќе речам повторно, ова не го измислив јас, туку го кажуваат луѓе од бизнис секторот. Она што може да се направи во однос на оваа проблематика, е да се инвестира во индустрии коишто имаат потенцијал да произведуваат производи со поголема додадена вредност, за да нели, логично, се зголеми и профитот од извозот.

Во Македонија, единствено во најголема добивка се, како да ги наречам, бидејќи ако го употребам зборот компании ќе ги навредам оние кои работат согласно сите законски регулативи и процедури; еве, ќе ги наречам „нелојални конкуренти“. Истите не ги почитуваат законите, работат во сивата зона, односно сивата економија и најмногу се одговорени за тоа што оние компании кои работат на фер начин, не можат да најдат работници.

Државата треба да најде начин како да го формализира нивното работење или да ги затвори, бидејќи не ѝ носат никакво добро, туку напротив само штета.

Тука би завршил со една реченица која ја кажа претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија Владанка Трајкоска во едно интервју за Работник, која гласи: „Тие што не го почитуваат стариот закон за работни односи, нема да го почитуваат ниту новиот.“ Мислам дека оваа реченица кажува се.

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.