Светот на работникот

Компаниите ги повикуваат вработените да се вратат на работа, но што е со оние кои имаат нарушен имунитет?

Компаниите не се откажуваат од напорите да ги вратат вработените во канцелариите, по повеќе од две години работа на далечина, а тоа отвора уште едно големо прашање.

Имено, пандемијата се‘ уште не е завршена, иако во последниот период бројките на заразени се мали, но за оние работници коишто имаат нарушен имунитет опасноста се‘ уште е многу голема за да тие се вратат во канцелариите.

Марк Грифин е човек со нарушен имунитет. Тој е вработен во непрофитна организација за ментално здравје во Монтреал, Канада и не планира наскоро да се врати во канцеларијата со неговите колеги, токму поради слабиот имунитет.

Според него, постојат фактори на разик кои може да предизвикаат да се зарази од Ковид -19 – како на пример, тоа што треба да патува 45 минути до работа со јавен превоз. Непрофитната организација каде што работи има мал број на луѓе, но тој вели дека има контакт со многу волонтери и членови на јавноста.

„Во канцеларија, би има многу помалку контрола и голема анксиозност, поради тоа кој влегува а кој излегува и кој носи маска“, вели тој.

Дискусиите за тоа како неговата компанија ќе го организира враќањето во канцеларија се‘ уште трае, но за него, ризикот е премногу голем.

„Не знам што би правел доколку ме натераат да се вратам во работната средна на полно работно време, со мојата здравствена состојба“, истакна Грифин.

Голем број од работниците со нарушен имунитет ширум државите и компаниите се плашат да се вратат на работа. До ден ден, постојат мали гаранции дека компаниите ќе ги земат нивните стравови во предвид.

„Во организациите, прашањата за инвалидноста често не се во радар“, вели Д-р Лудмила Праслова, професорка по индустриско – организациска психилогија на Универзитетот Вангард во Јужна Калифорнија. „Организациите имаат многу нешта да процесуираат и со многу работи да се справат, но помеѓу луѓето со нарушен имунитет, слушнав дека имаат голем страв за тоа дека многу организации не ги вклучуваат нивните потреби во агендата“.

Додека се креираат политиките, најчесто земајќи ги во предвид најголемиот дел од работниците, некои луѓе со нарушен имунитет можат да се најдат во незгодна позиција, поради тоа што политиките на компаниите не ги покриваат нивните ситуации. Одењето на работа претставува ризик за нивното здравје, но со одбивање ризикуваат да останат без приходи, што исто така не е опција за нив.