Крајно решение помеѓу МОН и СОНК во понеделник или вторник

Како што знаете и денеска продолживме со преговорите од втората фаза, односно вторите десет дена. Мислам дека на почетокот на наредната недела, понеделник или вторник, ќе имаме конечен договор со СОНК, рече Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, по завршување на преговорите.

Шаќири истакна дека позитивно е тоа што во текот на постапката за помирување се отвориле многу дискусии кои се однесуваат на колективните договори коишто не се потпишани повеќе од десет години.

Според него во наредниот период ќе се потпише Колективен договор со СОНК, а тоа, како што рече, создава основа за да се продолжат разговорите и послед изнаоѓање на решение за проблемот за платите.

На новинарско прашање за тоа дали се блиску до усогласување со барањето на СОНК за зголемување на платите за 18,4 %, Шаќири рече дека се блиску до постигнување на решение. Повторно се осврна на Колективните договори, велејќи дека тие ќе бидат добро решение за вработените во образованието. Сепак, за овие 18,4 % не кажа ништо конкретно.

Посочи дека сака ова да е последен штрајк и да нема повеќе прекин на наставата, нагласувајќи дека се отворени за разговори, но без штрајкови.

Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура- СОНК, Јаким Неделков пред новата средба попладнево во Министерството за образование и наука изјави дека очекува двете страни да се приближат во ставовите и преговорите позитивно да завршат.

„Оптимизмот постои од двете страни. Секако дека иделано решение не може да се најде, меѓутоа има простор за соодветно решение што ќе ги задоволи двете страни. Останува да видиме со какви резултати ќе излезме денеска. Ни остануваат уште неколку дена, но изгледно е и денеска да има позитивни сигнали за конечно решение“, изјави Неделков.