Правда

Кривични за лекарите од Битола кои дозволиле невработен гинеколог да изведе царски рез

Битолската полиција поднесе кривични пријави за двајца гинеколози од битолската болница, како и за докторка од Србија, сопруга на еден од докторите која неовластено извршила царски рез врз родилка. СВР Битола до ОЈО поднесе кривична пријава за 33-годишниот М.В. за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, против 60-годишниот Г.Ч. поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, како и против 33-годишната А.В. од Србија, сопруга на првопријавениот за сторено кривично дело „надрилекарство“ и кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

Настанот се случил на први јануари оваа година кога двајцата гинеколози од битолската болница, пречекорувајќи ги своите посебни овластувања во вршење на должноста и овозможиле на третопријавената без соодветна лиценца за работа издадена од Лекарска комора на РСМ, да изврши породување со царски рез врз родилка во операциска сала на Одделението за гинекологија и акушерство, информираат од МВР. Оттаму додаваат дека по завршувањето на интервенцијата, првопријавениот во оперативниот дневник внел невистинит податок, односно во графата податоци за оператор, ги внел своите податоци и податоците на второпријавениот, а од стариот оперативен дневник отстранил страници на кои третопријавената ги запишала извршените оперативни интервенции на 1 јануари 2021 година.

Директорката на битолската болница, д-р Билјана Гагачовска информираше дека до неа стигнала пријава на 15 јануари дека неовластено лице, невработено во болницата присуствувало на операција во операциона сала. Веднаш по добивање на пријавата уште истиот ден, согласно законските процедури за постапување по пријава, започната е процедура која ги вклучува сите присутни на наведениот ден кои биле во салата, вели Гагачовска. Започната е процедува за упатување на Дисциплинска комисија, а за двајцата доктори, како одговорни оператори во сала и дежурни, донесено е решение за времено отстранување од работа, поради започната дисциплинска постапка со цел да не се попречува процесот на постапката на Дисциплинската комисија. Како што информира директорката, дисциплинската процедура е во тек, а после  завршување на дисциплинската постапката и добивање на предлог за изрекување на казна, ќе бидат изречени соодветни мерки на казна кон вработените.

Еден од докторите е поранешниот заменик министер за здравство и поранешен национален координатор за здравство, д- р Гоце Чакаровски кој ни рече дека нема да го коментира случајот се додека не заврши дисциплинската постапка.

Извор: Сител