МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

КСС со кампања: „Да се слушне гласот на работникот“

   Време за читање 2 минути

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија како национален синдикат има за цел да ги заштитува правата на работниците, а во време на пандемија и за време на вонредната состојба многу права од работен однос беа прекршени, а се прекршуваат и во периодот после завршувањето на вонредната состојба, соопштија од КСС.

Како што велат, затоа КСС во изминатиот период започна кампања насловена како ,,Да се слушне гласот на работникот”. Целта на кампањата е да се информираат работниците и пошироката јавност за актуелни теми од областа на работничките права и работата и улогата на синдикатите преку илустрации и упатување на порака за конкретни теми.

“Сметаме дека е од исклучително значење во овој период да се зголеми видливоста на синдикатот, како кај нашето членство, така и кај останатите работници и јасно да се презентира улогата на синдикатот во време кога многу работници се соочуваат со прекршување на правата од работен однос, а немаат каде да се обратат”, велат од КСС.

Истакнаа дека досега се обработени повеќе теми како што се безбедноста и здравјето при работа, која е улогата на колективното договарање и социјалниот дијалог, права и обврски на работодавачи и работници, сигурно и пристојно работно место, поголеми и пристојни плати и др.

“Кампањата се одвива на официјалната фејсбук страница на КСС. Во нашата програма следуваат и други теми за интересите и правата на работникот знаејќи дека секој работник ја заслужува својата плата”, посочија од КСС.

Ги охрабруваат сите нивни членови да не се двоумат и да се обратат во синдикатот доколку се соочуваат со проблеми во остварување на нивните права од работен однос, а кои се загарантирани со закон.

Линк до фејсбук страната на КСС: https://www.facebook.com/sindikatkss/