Левица: КОРПОРАТИВНО РОПСТВО – 60 ЧАСОВНА РАБОТНА НЕДЕЛА (ВИДЕО)
Видео соопштение на Левица:
Најголемиот грабеж на 21-от век го спроведува Владата на Република Македонија.
Штотуку на шверцерски начин и со европско знаменце помина пакетот погубни законски измени кои државата ја потчинуваат на корпоративна диктатура.
Македонските работници ќе работат 12 часа дневно, 6 дена во неделата – што значи минимум 60 часа робување на корпоративни интереси на американски конзорциум Бехтел и Енка – кој градејќи ги коридорите 8 и 10, ќе ги истошти нашите работници и ќе ја испразни државната каса.
Приватизацијата во деведесеттите го распарчи општественото ткиво и уништи голем број на семејства. Како тогаш така и сега, на чело на трансформацијата на државата во корпоративен феудализам се наоѓа истата партија – лажните социјалдемократи на нашата земја.
За овој коруптивен договор склучен во четири очи, кој Владата на СДС процени дека е од стратешки интерес -1 доставени до Собранието беа пет погубни предлог-законски решенија за урбанизам и просторно планирање со кој се воведува урбанистички хаос, за сомнителна експропријација на имот, но, најскандалозно, уредување на работните односи со кои предвидуваат 60 часовна работна недела.
Со 6 664 амандмани Левица го блокираше овој пакет закони и на овој начин ќе се ставеше крај на обидите за поробување на работниците и истиснување на државните пари – но, без правна основа Владата реши да ги злоупотреби инструментите за усогласување со европската легислатива – со европско знаменце донесоа антицивилизациски и анти-европски закони. Без да постои ништо што како држава нѐ задолжува да воведеме 60 часа работна недела, ние сепак стануваме апсолутен рекордер во светот. Досега, тоа беше Мавританија со 54 часа, по која следат Египет со 53, Гамбија со 51 и Буркина Фасо со 50 часа.
Корпоративната репресија нѐ враќа два века назад во доменот на трудовото право. Во самата Европска унија, со Директивата број 88/2003 се вели „просечно работно време за секој седумдневен период, вклучувајќи го и прекувременото работење, не смее да надминува 48 часа неделно”. Но, Владата на СДС и ДУИ воведе 12 часовно работно време, шест дена во неделата! Тоа значи дека, луѓето кои ќе работат, ќе бидат физички исцедени и ќе немаат време да ги обноват физичките капацитети за да продолжат нормално да живеат. Уставот вели дека секој работник има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права работниците не може да се откажат. Помеѓу силниот и слабиот, слободата е таа која угнетува, а законот е тој кој ослободува. Сега имаме ситуација, законот да ги поробува гработниците, наместо да ги ослободува!
Во 2014 година, извршниот директор на „Бехтел“ бил осуден од судот во Њујорк за МИТО од 5,2 милиони евра за местење на тендер во Египет. Во соседна Албанија, тие склучуваат договор за автопатот Драч – Кукс, каде конечната цифра за изведување има 85 отсто неоправдано зголемување од почетната цена. Дури и во студија на универзитетот Беркли се вели дека договорите со „Бехтел” на Балканот се непотребен луксуз за најсиромашните држави во Европа.
Левица нема да дозволи на овие грабливци и злосторници без отпор да се богатат на грбот на работниците. На борбените линии против паразитите од СДС и ДУИ нѐ обединува класниот и националниот интерес – спротиставени на нелегитимните рехабилитатори на фашизмот и острицата на корпоративната диктатура.