Останато

Чарето за неисплатените прекувремени часови е во електронското евидентирање на сите работници?

Евидентирањето на работното време, вклучително и прекувремената работа е една од најболните точки на македонските работници, особено на оние кои работат во приватниот сектор.

Многу работници во приватниот сектор се жалат дека не им се  неисплатени прекувремените часови токму поради недоволната евиденција на работното време од страна на работодавачите.

Тоа ме поттикна да направам една споредба за тоа како е регулирано евидентирањето на работното време во земјите членки на Европската унија, а како е во Македонија.

Во 2019 година, Европскиот суд на правдата донел одлука со која ги обврзал работодавачите на земјите членки на ЕУ да го евидентираат работното време на сите вработени. Одлуката на Судот е последица на тужбата која Конфедерацијата на синдикати на работници на Шпанија ја поднела против Дојче банка поради тоа што истата немала систем за евидентирање на работното време на секој вработен.

Одлуката предизвикала големи „потреси“ во компаниите, бидејќи барала од работодавачите кои не воделе евиденција на работното време до тогаш, да направат значајни промени.

Судот посочил дека поради недостиг на таков систем, не е возможно да се детерминираат ниту работните часови ниту прекувремената работа и додал:

„Во овие околности, изгледа дека е премногу тешко, ако не и невозможно, работниците во пракса да обезбедат почитување на правата кои им следуваат согласно Членот 31(2) од Повелбата [за фундаменталните човекови права на ЕУ] и директивата 2003/88, во поглед на бенефитите од ограничувањето на неделното работно време и минималното дневно и неделно време за одмор кое го овозможува оваа Директива“.

Каква е постапката за евидентирање на работното време во ЕУ?

Според извештајот на Eurofound за прекувремената работа, во најголемиот дел од државите, работодавачите се обврзани да ги евидентираат работните часови на вработените и да ги направат информациите достапни за релевантните институции, или рутински или на барање. Во некои земји (Бугарија и Естонија), работодавачите се обврзани да водат евиденција само за прекувремената работа. Во Австрија, Литванија и Германија, ова правило важи и за стандардното работно време и прекувремената работа.

Додека во некои случаи (Бугарија) агрегатните податоци работодавачите се обврзани да ги даваат само на барање, во поголем дел од земјите информациите мора да бидат регистрирани за секој вработен посебно (Австрија, Естонија, Грција, Литванија и Романија).

Во Грција, компаниите мора директно да го известуваат Министерството за труд и социјални работи преку електронски систем. За возврат, Инспекторатот за труд е задолжен да го мониторира работното време и да ги спроведува регулативите за работното време.

Санкциите за непочитување на истите речиси секогаш се во форма на парични казни кои варираат од неколку стотици евра до неколку десетици илјади евра.  

А како е во Македонија?

Кај нас, евидентирањето на работното време го пропишува Законот за работните односи.

Во член 116, став (6) се вели дека работодавачот е должен да води евиденција за полното работно време. Понатаму, во став (7) се вели: „Работодавач кој има над 25 вработени и кај кого процесот на работата се врши на една или повеќе локации е должен на секоја локација да води електронско евидентирање на полното работно време и прекувремената работа.

По него следува ставот (8) кој се однесува на најголемиот дел од приватните фирми во Македонија, со оглед на тоа дека имаат под 25 вработени. Истиот вели: Работодавачот кој има до 25 вработени е должен да води евидентен лист за присуство на работа на работниците со наведување на податоци за почетокот и завршетокот на работното време.

Тука е важно да се земе и последниот став од овој член кој вели:

(9) Начинот и водењето на електронската евиденција на полното работно време и на прекувремената работа од ставот (7) на овој член ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот.

Надлежен орган за надзор на евиденцијата на работното време е Државниот инспекторат за труд по чие барање работодавачот треба да ја приложи истата.

Инаку, Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ пред неколку години побара и во Македонија да се воведе евиденција на работното време исто како во некои земји од ЕУ. Се обидов дополнително да добијам информации од нив за нивната иницијатива, но до објавувањето на текстот не добив одговори.

Фото: Istock

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk