Лекција по трудово право: Права и обврски при постапка за вработување
Рубрика за трудово и социјално право
Тема: Права и обврски при постапка за вработување
Законот за работни односи ја уредува постапката за вработување, како и правата и обврските и на работодавачот и на кандидатите. Објавувањето на слободното работно место во никој случај не смее да сугерира дека работодавачот дава кај вработувањето предност на определен пол, ниту пак е дозволено да работодавачот да бара податоци за семејниот, односно брачниот статус и планирање на семејството, односно доставување на други исправи и докази коишто не се во непосредна врска со работниот однос.
Пред склучување на договорот за работа, работодавачот има право да го провери знаењето и вештините на кандидатот за работник, но само за оние знаења кои се неопходни за вршење на работата за која се склучува договорот. Работодавачот е должен да го запознае кандидатот со работата, условите за работа, како и со сите права кои му следуваат, а се поврзани со работното место.
ПРАВИЛНО е да се смета кандидатот е должен да му достави на работодавачот докази за исполнување на условите за вршење на работата и да го извести за сите нему познати факти, а од значење за работниот однос.
ПОГРЕШНО е да се смета дека потпишувањето на договорот за вработување може да се условува со потпишување на спогодба во врска со престанок на работниот однос, ваквата ситуација е противзаконска.
Проф. д-р Лазар Јовевски

