Лекција по трудово право: Синдикално организирање на јавниот сектор
Рубрика за трудово и социјално право
Тема: Синдикално организирање на јавниот сектор
Членството во синдикатот, особено во оние синдикати каде членуваат вработени од јавниот сектор беше во постојано опаѓање пред пандемијата, а иднината на организираниот труд како политичка и економска сила беше под сомнеж. Додека кризата KОВИД-19 истакна многу од неправдите со кои се соочуваат работниците со ниски плати во приватниот сектор, сепак во голема мера и вработените во јавниот сектор се најдоа во ситуација каде правата им беа загрозени. Токму затоа брзото реагирање на синдикатите на работниците од јавниот сектор е од големо значење за заштита и остварување на правата на овие работници.
Законот за вработени во јавниот сектор предвидува да вработените заради остварување на своите економски и социјални права имаат право да се вклучат во основање, формирање и членување во синдикат, секако под услови и во постапка утврдена согласно закон.
Со оглед на новите предложени мерки каде се засегнати голем дел од вработените во јавниот сектор, должност е на соодветните синдикати да апелираат на овие мерки кои ги доведуваат во понеповолна состојба вработените во јавниот сектор. Во овој контекст важно е да се знае дека тие имаат право и да организираат штрајк, кој ќе биде во согласност на Уставот, законите и ратификуваните договори.
ПРАВИЛНО е да се смета дека при остварување на своето право на штрајк, вработените во jавниот сектор имаат обврска да обезбедат минимум непречно одвивање на функциите на институцијата од која доаѓаат, се со цел непречено остварување на правата и интересите на граѓаните и правните лица.
ПОГРЕШНО е да се смета дека раководното лице низ различни притисоци треба да ги спречува вработените во остварувањето на своето уставно загарантирано право на штрајк. Напротив раководното лице на институцијата согласно закон и колективен договор има обврска да го определи начинот на извршување на надлежностите, бројот на вработени кои ќе ги извршуваат истите надлежности за време на штрајкот, како и начинот на обезбедување на потребните услови за остварување на правото на штрајк.
Проф. д-р Лазар Јовевски

