Лидерските вештини можат да ви донесат поголеми плати, но и повисоки работни позиции

Автор: Бобан Илијевски

Текстот што ќе следува во продолжение е наменет за оние кои работат или сакаат да работат во компании каде што постои поголема хиерархија, а делумно важи и за оние кои работат во помалите.

Ако сакате да напредувате на повисока позиција во една компанија, несомнено е потребно да имате низа на вештини и знаења, коишто би требало да ги стекнете со искуството. Менаџерите на компаниите, барем колку што знам, на повисоки позиции ги унапредуваат оние кои се истакнуваат, а најмногу во предвид ги земаат стручноста или компетентноста, а пропратно и не помалку важно, и лидерските вештини на вработениот.

Ова значи дека сите оние кои се научени само да извршуваат наредби, односно да работат според претходно дадена шема од страна на работодавачот, многу тешко можат да напредуваат на повисока работна позиција. Зошто е тоа така? Со оглед на тоа дека се навикнати да работат по наредба или зададена задача, овие луѓе немаат развиено самоиницијативност која би рекол дека е еден од повеќето сегменти на лидерството како една посебна вештина.

Работодавачите бараат самоиницијативност, бидејќи на тој начин ќе знаат дека доколку работниот процес во најголем дел зависи од работникот, истиот ќе го спроведе без да има потреба некој да му каже дека треба тоа да го направи.

Да не бидам сфатен погрешно, не ги потценувам работниците кои работат по шема, но сметам дека тие немаат доволен потенцијал којшто е потребен за одредена повисока позиција. Тоа не значи дека не можат да го стекнат тој потенцијал, односно да ги стекнат потребните вештини. Само треба да инвестираат во себе.

Работодавачот мора да е сигурен дека вие имате развиено лидерски вештини и дека истите можете да ги практикувате на повисоката работна позиција, каде што и тоа како ќе ви бидат потребни.

Поради тоа, мислам дека секој работник и секој оној што сака да работи во компанија којашто нуди поголеми можности за кариерно напредување, а со тоа и поголема плата, треба да го земе во предвид горенаведеното.

Мислам дека кој и работодавач да го прашате, ќе ви каже дека кај еден работник од суштинска важност му се самоиницијативноста и лидерските вештини, за да истиот напредува по корпоративната скала.

Само оној кој не е лидер, не сака ни неговите вработени да се лидери во својата работа.

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.