„Лидл“ започнува со ефективна работа, објавени се огласи за пополнување работни места

Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи минатата недела остварија работна средба со претставници на познатиот меѓународен малопродажен синџир „Лидл“ – како од Националниот тим, така и со претставници на Меѓународниот управен одбор, информира владината прес-служба.

Тема на средбата беа планираните активности во делот на инвестициите и развојот на оваа компанија во Република Северна Македонија и поддршката од Владата и институциите за успешна реализација на овој проект.

Томаш Кузма, член на Одборот на компанијата одговорен за Западен Балкан, „Лидл Интернешнл“, објаснил дека како странски инвеститор „Лидл“ високо ја цени соработката и поддршката што компанијата ја добива од Владата на Северна Македонија. Рубријан Хаџиев, главен извршен директор на Лидл Северна Македонија, истакна дека премиерот Ковачевски и вицепремиерот Фатмир Битиќи му обезбедиле на „Лидл“ работни групи во неколку министерства и единствена точка за контакт за да ја олеснат подготовката за можен влез на македонскиот пазар. Сметаат дека оваа соработка ќе продолжи и во сите други фази од проектот.

Во меѓувреме компанијата активно го спроведува процесот на регрутација на кадри од Македонија. Во моментов објавени се неколку позиции за вработување кои вклучуваат високо образование.