КолумниНовости

Македонија – една од прваците во светот каде законите можат да се суспендираат

   Време за читање 4 минути

Автор: Бобан М. Илијевски

Годината ми почна, онака баш интересно. Богами, и заврши интересно. Не интересно во смисла навистина интересно, туку во онаа преносна смисла на зборот, кога се обидуваш да бидеш ироничен оти ти е мака на душата.

Утрината на 29-ти декември до мене стаса информацијата дека претходниот ден, Владата на седница донела Препорака трговците на мало да работат на 31-ви декември, 1,7 и 8-ми јануари. Знам дека веќе станав досаден со ова и знам дека не е најголемиот проблем (кој за среќа заврши), но за мене беше проблем оти илјадници вработени во трговијата на мало работеа на 31 декември, некои и на 1-ви јануари, наместо да бидат дома со своите семејства. Тогаш постоеше можноста да работат и на Божиќ, но за среќа тоа нема да се случи.

Со оглед на тоа дека сум новинар за работни односи, но и човек кој смета дека треба да се почитуваат работничките права (изгорениот не сака другите да се изгорат, барем јас можам да зборувам во мое лично име) целата таа ситуација предизвика бес во мене.

Еееј, со Препорака суспендираа Закон. На кратко време, но го направија тоа.

Решен да извршам медиумски притисок, Владата да ја повлече таа фамозна Препорака, започнав…, па не започнав ништо посебно – само си ја работев мојата работа и благодарение на неколку луѓе (професори и правници и активисти за работнички права), успеав да објавам неколку текстови кои јасно покажуваат зошто препораката беше спорна.

На 4-ви јануари (завчера), ми испратија линк од објавата на Министерството за труд и социјална политика, од каде известија дека Владата ја повлекува Препораката – момент кој длабоко ме израдува, оти и јас самиот бев вклучен во „борбата“ да се повлече истата. Не сакам и нема да ја земам целата заслуга, бидејќи во целата ситуација беа вклучени повеќе лица и организации кои вршеа, би рекол, позитивен притисок.

А, да, ќе заборавев – од Министерството за труд во соопштението рекоа дека тие ѝ посочиле на Владата дека не треба да се работи во недела и на 8-ми. Касно запалија, па затоа ни под разно тие не смеат да ја земат заслугата за укинувањето на препораката, оти, како прво, не ни требаше да дозволат да се донесе на 28- декември. Да бидеме реални, да не беше притисокот од јавноста, таа ќе останеше да важи до крај. И од Владата и од Министерството за економија беа децидни дека не треба да се повлече.

Дополнително ме израдува и тоа што веднаш следниот ден, поголемиот дел од маркетите (за жал, има уште газди кои мислат дека законот за нив не важи) почнаа да објавуваат дека нивните вработени нема да бидат на работните места на 7-ми и 8-ми јануари.

Пред да седнам и да пишувам, мислев да пишувам и за случувањата со вработените во М-НАВ, но колегата Горан Михајловски веќе напиша колумна за тоа, па не би да се повторувам.

2024 година почна навистина бурно, што и донекаде не чуди оти е изборна година. Којзнае уште колку работи ќе се случат до 8-ми мај.

П.С. И покрај тоа што Владата ја повлече Препораката, не треба да се заборави дека, на прво место, таа ја донесе и им даде „амин“ на трговците на мало да работат спротивно на законите.

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси