МакедонијаПравдаСиндикат

Македонскиот дипломатски синдикат бара итно запирање на тековните конкурси

Македонскиот дипломатски синдикат - Работник
125views

Македонскиот Дипломатски Синдикат бара итно запирање на тековните конкурси и го повикува министерот Димитров во пракса да ги потврди декларативните заложби за професионална дипломатија, воедначен пристап и законитост во работењето, пишуваат од синдикатот во соопштението за медиуми.

Македонскиот Дипломатски Синдикат изразува зачуденост поради објавувањето два нови интерни огласи за пополнување на дипломатско – конзуларните претставништва, високо дипломатско звање за во постојаната Мисија при ЕУ и помошно-стручен службеник за ДКП Загреб. Овие конкурси осамнаа само три недели по донесените одлуки за упатување 20-тина дипломати, од кои два беа токму за Мисијата при Европската Унија во Брисел. Дополнително, огласите се распишани длабоко во 100-те дена на функционирање на таканаречената “Пржинска Влада” за спроведување на предвремените парламентарни избори, период во кој вертикалното и хоризонтално распоредување на вработените во државната управа се замрзнува за да се елиминира можноста од кадровски решенија со политички потпис. Оттука, се поставуваат неколку дилеми и сомнежи.

Што се променило во плановите на Министерството за бројноста и кадровската екипираност на ДКП-ата, за да биде неопходно и ургентно да се објават нови огласи само неколку недели од последната рунда? Побарано ли е мислење од Антикорупциска комисија за законитоста на предметните конкурси распишани за време на техничка влада? Има ли двојни стандарди кај министерот Димитров имајќи ја предвид неговата решителност во јуни 2017 година, веднаш по преземањето на функцијата, набрзина да суспендира, а потоа и да поништи 20 одлуки за редовно пополнување на испразнети позиции во ДКП-ата, токму и само поради тоа што беа донесени за време на тогашната техничка влада? И конечно, дали е вистина дека огласот за високото дипломатско звање е распишан дополнително, како резултат на силен партиски притисок, за да биде исправена “грешката” од декемврискиот избор кога “планираниот” кандидат извисил?