МакедонијаНовостиСиндикат

Македонски дипломатски синдикат: Конкурс за дипломати за политичка манипулација на Османи

   Време за читање 1 минута

Најостро реагираме и го осудуваме чинот на распишување на огласи за упатување во странство на повеќе од 15 дипломати во постизборен период, односно на само десетина дена пред стапување на должност на нов министер за надворешни работи, се вели во реакцијата на Македонскиот дипломатски синдикат по денешната информација објавена на МКД.мк дека министерот Бујар Османи непосредно пред да замине од кабинетот распишал конкурс за пополнување на работни места по македонските дипломатско-конзуларни претставништва.

„Доколку се земе предвид дека постапката за упатување на дипломати во странство трае од еден до три месеци, со цел подготовка на избраните дипломати за предметната мисија, станува целосно нејасно која е целта на еден ваков чекор во овој транзициски период. Синдикатот смета дека постапката не е политички коректна, но пред сѐ не е коректно кон колегите кои евентуално би биле избрани на еден ваков оглас со што би се довеле во незавидна положба.

Потсетуваме дека ваков обид за масовно упатување на дипломати беше направен и во предизборниот период кога само острата реакција на синдикатот придонесе огласот да се суспендира и со тоа се спречи флагрантно кршење на Изборниот закон.

Со оглед на фактот дека крајната одлука за најсоодветни кадровски решенија во дипломатско-конзуларните претставништва ги носи министерот за надворешни работи, сметаме дека овој оглас е политичка манипулација на министерот во заминување со цел да се остават отворени проблеми на новото раководство. Со оглед на горенаведеното, целосно ќе се изземеме од учество во процедурите за избор на овие спорни огласи“, се вели во реакцијата на Македонскиот дипломатски синдикат.

Извор: Мкд.мк