Маркетите претераа: Се здружувале и договарале цени, оштетени се граѓаните
Дека некои ланци на маркети работеле на штета на граѓаните потврди Комисијата за заштита на конкуренција. Имено тие во обид да си го заштитат профитот, договарале цени на производите, истовремено убедувајќи ја јавноста и потрошувачите дека нема голем простор за намалување на цените кои растеа речиси секојдневно. Галопирачкиот раст на цените се обиде да го спречи власта со креирање на есенската и новогодишната потрошувачка кошница, но изгледа маркетите најдоа начин да не бидат партнери со граѓаните, па договарајќи се меѓусебно го држеа високото ниво на цени на речиси сите производи. Со таа политика, на рафтовите во маркетите во државава имаше некои производи чии цени беа исти, а некои дури и повисоки од оние кои можеа да се најдат во маркетите на европските земји. Високите продажни цени во маркетите не можеше да ги разниша ниту бојкотот на продавниците, ниту пак повикот на владата маркетите да бидат партнери во смирувањето на инфлаторната спирала. Во една таква разбранувана ситуација на цени кои растат, на маркети кои се жалат дека ако се намалат цените, ќе отпуштаат вработени, во анализа на пазарот се вклучи КЗК, која утврди картелско здружување на неколку маркети, кои го воделе клучниот збор во одржување на високото ниво на цените, богатејќи се на грбот на граѓаните.
Доколку се потврди обвинувањето за договарање цени, четирите ланци на маркети, согласно годишната добивка, би требало да платат 10 проценти од добивката, односно некаде околу 50 милиони евра. Сумата која Сојузот на стопански комори ќе треба да ја плати, кој е обвинет дека во неговите простории се договарало картелското здружување, дополнително ќе биде утврдена, но таа ќе изнесува 1 процент од годишната добивка.
Повеќе на Република