МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

МДС: Бараме нова инклузивна постапка за нов Закон за надворешни работи

МДС - Работник
96views

Македонскиот дипломатски синдикат го повикува Министерот за надворешни работи да го повлече актуелниот предлог Закон за надворешни работи.

Според нив, предлог текстот на ЗНР е изготвуван во нетранспарентна постапка, со учество на тесен круг луѓе, без интерна или јавна дебата до неговото објавување во јавноста и не ја ужива поддрршката од големо мнозинство вработени во Министерството.

„Суштинските забелешки на МДС, дадени по неговото објавување: централизација на моќта во раце на министер и колегиум избран од него, системската рестриктивност што го забавува кариерниот напредок и отфрлањето на регулирањето на положбата и работните права на административниот персонал во предлог текстот – не се прифатени, туку се направени само помали козметички измени заради создавање привид за инклузивност“.

Од МДС истакнуваат дека големиот број забелешки на предлог Законот дадени деновиве од страна на Секретаријатот за законодавство, Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество и администрација ги потврдуваат забелешките на МДС дека предлог текстот е изготвен непрофесионално, не ја покрива материјата целосно и практично претставува само невешт обид за изготвување на еден по своја природа потесен закон, Закон за диломатска служба, што е сосема различно од Закон за надворешни работи. Со несогласувањето на Министерството за финансии со предложените финансиски аспекти паѓа во вода една од носечките причини за неговото донесување – подобрување на материјалната состојба на вработените, одн. вложувањето во човечките ресурси на македонската дипломатија.

Посочуваат дека поради споменатата рестриктивност на предлог текстот, хипокризија е во предизборен период со техничка Влада упорно да се форсира упатување на по дваесетина амбасадори и дипломати на работа во странство што поскоро, според постоечкиот Закон, пред донесување на новиот Законот, кој треба да е „реформаторски“ и „во интерес на дипломатијата“.

МДС алармира дека евентуално усвојување на вака изготвениот предлог текст на Закон за надворешни работи ќе доведе до несогледиви и долгорочни негативни последици по македонската дипломатија и предлага започнување на нова, овој пат инклузивна постапка, за подготвување на ново законско решение кое што ќе има кредибилитет и ќе ги земе предвид сите аспекти на професионалното дипломатско работење без внатрешни поделби на интересни категории.