КолумниНовости

Менуваат наместо да бидат менувани

   Време за читање 1 минута

Работниците сега имаат поголема моќ од работодавачите. Овој факт го поткрепува податокот дека недостигаат 10,000 работници, а и тоа дека работниците денес одбираат каде ќе работат. Пред десетина, петнаесет години ова не беше случај. Тогаш невработеноста беше 33 %, па работодавачите беа многу силни. Кога работникот ќе побараше покачување, инстантно му беше кажувано дека ако не му се допаѓа платата, може веднаш да биде заменет.

Ова не треба никогаш да се заборави, бидејќи е една од најголемите причини поради која денес имаме пореметен пазар на труд. Македонија не е единствената во регионот која страда од ваква „болест“, тука се Србија и Хрватска, каде работниците исто така се соочуваа со слични изјави од страна на работодавачите кога невработеноста беше голема.

Денес работниците, како никогаш досега, имаат бројни опции за работа. Покрај тоа што можат да мигрираат во други држави, тие имаат и опција да работат за странски компании од удобноста на својот дом. Социјалните мрежи и платформите за вработување го унапредуваат овој процес, па со тоа се создава и поголем избор на работни места ширум светот.

Домашните работодавачи сето ова треба добро да го анализираат и да го земат предвид при креирањето на политиките за вработените. Оние компании кои имаат професионалци за човечки ресурси добро се упатени како стојат работите на пазарот на трудот. Зголемувањето на платите е важно, но не и пресудно за да се задржат вработените или да се привлечат нови. Добрите работни услови, грижата за благосостојбата и добрите меѓучовечки односи дополнително ги мотивираат вработените да останат во компанијата или да аплицираат за работа во неа.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.