СветСветот на работникот

Мета укинува околу 600 работни места

Компанијата Meta Platforms Inc. укинува приближно 600 работни места во својата единица за вештачка интелигенција, „Meta Superintelligence Labs“, со цел побрзо да се движи во сè поинтензивната трка за развој на вештачка интелигенција.

Според внатрешен допис во кој имал увид Bloomberg, вработените погодени од намалувањето биле информирани вчера, додека новоформираната група на компанијата — TBD Lab, која ги вклучува многу од неодамна ангажираните високо платени експерти, не е засегната.

„Со намалување на големината на нашиот тим, ќе бидат потребни помалку разговори за донесување одлуки, а секој член ќе има поголема одговорност, обем и влијание“, навел во дописот до колегите Александар Ванг, главен директор за вештачка интелигенција во Мета.

Од компанијата ги охрабруваат погодените вработени да аплицираат за други позиции во рамките на Мета и најавуваат дека ќе продолжат со вработувања во тимовите поврзани со развој на вештачка интелигенција, според изјава на лице запознаено со плановите, кое зборувало под услов на анонимност.

Ова намалување претставува најнов потег во заострената трка за доминација во областа на вештачката интелигенција, во која Мета и извршниот директор Марк Закерберг агресивно инвестираат за да одржат чекор со конкурентите како OpenAI и Google.

Мета потрошила милијарди долари за ангажирање на врвни таленти од целата индустрија, вклучувајќи и инвестиција од 14,3 милијарди долари во стартапот за означување на податоци Scale AI, што резултирало со тоа Ванг да се приклучи на компанијата и да ги предводи нејзините напори во областа на вештачката интелигенција, пренесува Bloomberg.

Извор: b92.net