- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравда

Министерката Шахпаска оствари средба со директорката на Фондот за ПИОМ Јовановска: Стабилен пензиски систем е приоритет за Владата

Министерката Шахпаска - Работник
218views

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска имаше средба со в.д. директорката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија Билјана Јовановска, на која беше разговарано за потребата од постојана соработка меѓу двете институции како предуслов за функционален и стабилен пензиски систем. 

„Стабилен и одржлив пензиски систем, кој подразбира редовна и навремена исплата на пензиите, како и грижа за сегашните пензионери, но и за сите оние што целиот свој работен век плаќале пензиски придонес, за да можат пристојно да живеат во пензионерските денови  е приоритет на оваа Влада. Грижата за пензионерите и нивните права е заедничка и затоа е неопходно комуникацијата да биде на дневно ниво“, нагласи министерката Шахпаска. 

Таа истакна  дека заради заштита на пензионерите од вирусот КОВИД-19 и во наредниот период ќе продолжи предвремената исплата на пензиите, која се исплаќа во неколку дена поделена според висината за пензијата. 

Директорката Јовановска ја информираше министерката Шахпаска дека во тек се повеќе процеси во рамките на Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување кои ќе овозможат побрзо и поефикасно решавање на предметите, кои се однесуваат на оценката на работната способност, потоа за  телесно оштетување, за инвалидски пензии, како и за скратено работно време. 

Поради пандемијата КОВИД-19 и поради одредени објективни причини кои се појавија кај дел од членовите на Комисијата за оцена на работната способност, изминатиот период се појави одреден застој во решавање на предметите. 

Министерката Шахпаска укажа дека секој предмет претставува човечка судбина и дека ова прашање во најскоро време мора да се надмине.