МИРУВАЊЕТО НА ШТРАЈКОТ – СЛАМКА ЗА СПАС НА ОВАА АРОГАНТНА ВЛАСТ

Владата пресмета најмалку 20 000 просветни работници на најавениот протест  и  –  смртно се исплаши!

Не треба  да се фрлаат дрвја и камења  по  синдикалниот лидер  на СОНК, ниту да се бара грешка во неговите чекори до заеднички успех на  наставниците. Не сега  и не од  проссветните работници и  од членството на СОНК. Една  мала грешка, „можеби“ направи г. Јаким со која  тој веројатно  ја  информира  или  ја предупреди  Владата дека  на најавениот протест  за  4 мај ќе има најмалку 20 000 просветни работници! Владата  пресмета дека  тоа не се само 20 000 луѓе,  туку многу повеќе од тоа: тоа се  20 000   понижени ,  навредени и гневни учители! А со ваква цврста единственост, на ваква невидена  еснафска обединетост тешко дека ќе може ни која било друга а најмалку оваа Влада да успее  да ја исконтролира  масата гневен народ!

Тоа сознание за масовниот одѕив за најавениот штрајк беше доволен  знак за тревога во Владата  за да изнајдат  „чаре“, па макар и „сламка за спас“ со која ќе се обидат  да се одржат  над површината на разбеснетиот просветителски океан на незадоволството. Чарето е пронајдено  во „скриените фиоки“ на  Законот  за т.н. мирно решавање на работни спорови (!) Да се  искористи некоја одредба од членот 19 според кој  едната страна, во овој случај Владата, има  право  да побара штрајкот да се стави во мирување.  Тоа, пак, во исто време,  би била задолжителна обврска и за другата страна , во овој случај СОНК, за да го прекине штрајкот на одредено, односно да  продолжи со работа, во овој случај, со настава.
Претседателот на СОНК  изненаден од ваквата законска  новост за него  се консултира  со разни адвокати, судии и кадии и  преку гласањето  на  вонредна седница  на Советот изгласува  нужно почитување на  фамозната одредба со која и’ „угодува“ на Власта!  Со ова  прифатено нужно зло,  на министрите од Владата им падна камен од срце , им се тргна  за момент стравот од  градивогради – средба со најучениот  дел  од незадоволнуот народ , барајќи спасоносен медијатор преку Министерството за труд и социјална  политика, „неутрален“, надворешен „ експерт“ кој  ќе го решава  измислениот работен спор меѓу Владата и СОНК.
Владата вели дека има спор со народот  и преку трето  „непристрасно“ лице  ќе бара да добие на време , барем уште десетина дена, а потоа, е,  за тоа –потоа!
И би ! Штрајкот,  според чудните одредби е ставен во мирување , а  во меѓувреме  треба да  отпочнат и т.н. мировните преговори! Не знам што уште ќе се преговара со тој медијатор, кога сите  наши барања се со компромис понудени  на Владата уште пред  неколку месеци! Но, време е на  викенд и време на празници , па се случува  и иронија на иронијата: не е само штрајкот во мирување , туку и мировните преговори се во неколкудневно празнично  мирување!
А времето си тече .Изминуваат брзо деновите за мирување и мировни преговори, за решавање на т.н. работен спор. Наставниците со нетрпение  чекаат да  се реши  спорот со исполнување  на минималните  барања од штрајкот: најмалку 18.4  %  покачување на платите веднаш и  час поскоро потпишување на новиот Колективен дооговор  со кој  ќе се испочитуваат коефициентите  на сложеност  во сите дејности на сите  работни позиции, според точно  утврдени рокови ! Ќе има и  надоместоци за патни трошоци и   К-15 како и за другите и слично.  Еднаш и засекогаш да се работи, но и да се  исплаќа согласно  Колективен договор!
Ќе има  ли брзо и квалитетно решение на спорот со Владата, или ќе  мора да се активира штрајкот и одново да се стават на искушение и наставниците и родителите, а богами, најмногу учениците  кои веќе, по вина  на Владата, изгубија драгоцено време и скапоцени часови.
Ќе мора да има  решение, и тоа од две причини:  прво, затоа што  Владата (не) е веќе  во опасност од најавени масовни протести кои можат да значат и немири и  обид за рушење на  Владата; второ,ќе мора да има решение и  заради  синдикалниот лидер Неделков кој  мора да издејствува  подобра понуда  од срамните 12 % , за да несакајќи не издејствува   свое салто мортале со  прифаќањето на член 19 и одредбата за мирување! Без сомнение, ако се случи да нема  попозитивна спогодба со Владата, Неделков  заедно со Јаким  ќе мора од  штрајк во мирување да  замине во  синдикална пензија, во  т.н. „мировина“ , што би рекле  Хрватите.
Но, не е наивен  нашиот “Лех Валенса“, кој  успеал да се одржи веќе 11 години на чело на СОНК, за сега  да направи некој несмасен потег, за да му се случи најлошото. Напротив,  Неделков  е   со сетило повеќе  во оваа катастрофална состојба на општеството , водено  од оваа катастрофална власт! Ќе  работи Неделков и за себе , работејќи за своите колеги, за сите вработени , пред се’ ,  за  просветните работници кои  заслужуваат  повисок статус и , следствено  на тоа, повисока плата!
Ние, членовите на СОНК,  и сите наши поддржувачи, просветните работници, мора сега  да веруваме  во водачот на  синдикалното движење;  ние треба да му бидеме ветар во грб секојдневно и во секој негов ОД кон Владиниот кабинет! Има време за синдикални недоумици! Ќе ги решаваме  внатре на редовни  или вонредни состаноци;  ќе  разменуваме  демокраски  и функционални идеи и  начини како да се подобри нашиот статус, нашата  синдикална практика.
Сега имаме заеднички „непријател“, или  благо речено  противник кој не бира средства за да не’ разниша, за де не’  подели,  да не’ раситни  и на ситно да не’  (пот)купува.
Токму затоа, ние , сите просветни работници, во ова меѓувреме  на штрајк во мирување, во ова уште понеразумно “мирување во мирување“  да не  дозволиме  да ни се приближат на  помала и непристојна  дистанца надлежните , директорите и директорчињата, штрајкбрејкерите  кои  имаат за цел овие десет-дваесет дена да не’ оладат, да не’одвратат од реактивирање на штрајкот , од сепросветителско востание, кое  не само што не беше избрзано, туку  беше  и е праведно и правично и   од зорт кренато!
Тие, штрајкбрејкерите,  се како  луциферовите поданици кои  благоусно ќе ни ветуваат, ќе ни се насмевнуваат, ќе  не’ почестат со своето време и кафе-муабети, но не во наша, ами само  во нивна корист за да се спасат, за да останат и опстанат на власт.
Тие многу пати си поиграле со нашата интелигенција, тие, недоучените  од која и да е власт, тие партиски подобните –неспособните, веќе се радуваат на  нашите синдикални кавги и  обиди за разединување. Тоа нивно devide et impera  не смее да им успее овојпат, без разлика на нивното притиснување  на претседателот и Советот на СОНК да мора да го прифати  глупавиот член со глупавиот број  19 од Законот за мирно решавање на  работни (!) спорови.
Секој лидер кој подолго стои на чело на едно движење не е опериран од  недостатоци, следствено и нашиот синдикален лидер, но, ајде  да го оставиме тоа  сега , додека  преговарачите на СОНК се во добитна позиција! Ајде да почекаме  десетина дена и да го добиеме она за што  се бориме: посакуваниот процент, многу повеќе од  срамните  и потценувачки 12%, но уште повеќе да  бидеме трпеливи  за по десетина дена да имаме потпишување на  нов  мерлив Колективен договор во кој  ќе  ги освоиме  и со точни рокови ќе  ги реализираме  исполнувањата   на сите наши   досегашни  праведни барања.
Времето  работи за нас! Сме чекале со децениии и сме се бореле разединети, за конечно денес (благодарение на секој од нас и на сите заедно) да станеме обединети по сите основи и „да покажеме и ние заби“ на „евролочните волци “ од власта, од која и да е власт!
Да го почекаме  9 мај,  денот на победата над фашизмот, денот на победата  на  Европа и  да веруваме дека  по истекот на  мировните преговори меѓу државата и учителите , сепак, ќе  победат и државата и учителите и дека европски  ќе бидат стандардите и основите според кои ќе бидеме третирани во ова општество,  ветено како  едно  општество   за сите, праведно, без понижувања и секому според  трудот и според заслугите!
За крај на ова послание, само да  се обратиме на  оние кои мислат  дека со финтата на глупавиот член/број 19 успеале да го скршат нашиот дух и единство: Господа  од МОН, госпоѓи од МТСП и други одговорни  од Власта!
Бидете одговорни и исполнете ги  нашите праведни  барања за да не доаѓаме  со илјадници , за не ги бараме  пред вашите државни порти! И не  заборавајте: и нашите востанички и штрајкувачки  чизми се на таван. Брзо ќе се преоблечеме од посветени просветни работници во  гневни штрајкувачи и просветителски востаници!
IF  YOU DONT RESPECT US,  THAN EXPECT US!

P.S. Одговорно кон обврските , храбро во борба за правата!

Автор: Проф,Димче Донески,
претседател  на СО СОНК при  ООУ „Ванчо Николески, Лескоец