Ефектот на Бијонсе: Како „алтер егото“ може да ви помогне да ја победите тремата
Кога Бијонсе на почетокот на својата кариера излегувала на сцена, тоа не го правела како Бијонсе. Станувала „Саша Фирс“ – алтер его кое го креирала за да се избори со разорувачката трема.
Она што започнало како одбранбен механизам на млада музичка ѕвезда, денес е препознатлива психолошка стратегија која може да го трансформира начинот на кој ги водите деловните состаноци, презентациите или преговорите за зголемување на платата, пишува CNBC Make It.
Дури и најталентираните и најподготвените професионалци често потклекнуваат под притисок. Пропелтечуваат во текот на продажните повици иако го знаат сценариото на памет, или мудро молчат на состаноците и покрај тоа што ги имаат најдобрите идеи во просторијата.
Кога сомнежот во себе презема контрола над мозокот, фокусот се поместува на се’ она што може да тргне по зло. Обидот потсвесно да се „убедите“ себеси дека не сте нервозни најчесто има контраефект. Решение? Канализирање на алтер его – влегувањето во ментален склоп на некој кој едноставно нема трема.
Освен Бијонсе, оваа тактика во својата кариера отворено ја користеле и Адел, како и легендарниот кошаркар Коби Брајант.
Науката зад „алтернативната личност“
Канализирањето на алтер егото е базирано на сериозна психолошка стратегија која се нарекува самодистанцирање. Кога ќе ја преземете личноста на некој друг, создавате неопходен простор помеѓу себе и своите анксиозни мисли.
Научните истражувања покажуваат дека во тие моменти мозочната активност се поместува од регионот задолжен за емоционални реакции право кон префронталниот кортекс, кој е одговорен за логичкото размислување.
Во еден познат експеримент, научниците на децата им дале досадна и монотона задача, но им оставиле и Ајпад со игри во близина, за да можат да се откажат кога ќе посакаат.
Една група на деца во текот на работата самите себе се запрашале: „Дали се трудам?“, додека другата група избрала фиктивен лик и се запрашала: „Дали Бетмен се труди?“. Децата кои го канализирале Бетмен најдолго останале фоусирани на задачата. Што повеќе исчекориле од сопствената кожа, толку повеќе покажале поголема упорност.
Како овој принцип успешно да го примените во канцеларијата и во деловното опкружување? Низ четири едноставни чекори:
Изберете ја својата личност
Вашето алтер его може да биде вистинска личност на која и’ се воодушевувате (успешен директор, ментор, историска личност), фиктивен лик или едноставно вашата сопствена верзија во најдобро издание. Размислете за тоа кој квалитет ви е потребен во конкретната ситуација.
Креирајте физичко сидро
Поврзувањето на алтер егото со физички предмет драматично ја зајакнува оваа стратегија. Тоа може да биде часовник кој прави да се чувствувате самоуверено, специфично сако, квалитетно наливперо или дури и одредени пар чорапи. Значењето кое свесно му го препишувате на предметот ја работи работата за вашиот мозок. Ставете го тој детал на себе непосредно пред да влезете во салата за состаноци за да го „префрлите“ мозокот во посакуваниот мод.
Проучете го и отелотворете го ликот
Во критичниот момент поставете си го себеси прашањето: „Што моето алтер рего би направило во ваква ситуација?“. Обрнете внимание на тоа како таа личност би стоела, како би гестикулирала со рацете и на каков тон би разговарала со клиентите. Потоа едноставно направете го тоа.
Важно предупредување: Целта не е да станете лош актер или потполно да се изгубите себеси, туку да ги засилите сопствените квалитети кои моментално се закопани под слојот на тремата.
Почнете од мали чекори
Немојте да ја чекате презентацијата пред управниот одбор или клучниот инвеститор за да ја тестирате оваа техника. Вежбајте ја во ситуација каде влогот е помал – во текот на интерните тимски брифинзи или пократки неделни повици. Кога еднаш ќе влезете во рутина, сфаќате дека во џебот имате таен адут кој ја активира вашата најсамоуверена верзија точно кога е тоа најпотребно.
Извор: BIZLife/K. J.

