Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ има внимателен пристап – Нудиме остварливи мерки во економијата, фокус кон образованието и пазарот на труд и борба против корупцијата
Интегрален говор на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски:
Почитувани,
За нас претставува огромна чест и задоволство што денеска сме овде во Стопанската комора, каде што можеме да презентираме дел од програмата со која што ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе настапат на следните парламентарни избори.
Се чувствуваме секогаш добредојдени, приемот од страна на претседателот Азески и на соработниците, и членките во Стопанската комора секогаш бил на највисоко ниво. Би рекол се чувствуваме како дома, јас сум многу благодарен.
Ценам дека изминатиов период имавме исклучително квалитетна соработка. Нормално политиката и бизнисот да имаат редовна комуникација, затоа што бизнисот е оној кој што ја движи Македонија напред, кој што ја развива. А, ние како одговорна политичка партија, како најголема политичка партија во Македонија сакаме да слушнеме од бизнисот кои се би рекол работите кои што треба да се променат, кои се пречките на кои што наидува бизнисот, кои се предизвиците кои што заеднички треба да ги решаваме. А, ние како политички партии да помагаме во тоа.
Очекуваме како ВМРО-ДПМНЕ и како Коалиција да оствариме висок резултат на парламентарните и на претседателски избори. Да ја формираме следната Влада, а со тоа и програмата со која што сега настапуваме пред граѓаните да биде програма на следната Влада.
Нераскинлив дел од сето тоа е и бизнисот, стопанските комори, Стопанската комора, и голем дел од сугестиите кои што беа дадени во процесот на креирање на таа програма се содржани во истата. А, во иднина ќе бидат и дел од работата на идната Влада.
Се разбира дека тој процес е динамичен, не можеме ние од сега да знаеме што ќе се случува за една, две години бидејќи не секогаш зависат работите само од нас. Ние сме дел од еден глобален систем и работите кои што се случуваат во тој глобален систем влијаат и врз нашата држава, врз Македонија, и врз стопанството на Македонија.
Но, важно е да ги определиме главните правци, да нема отстапувања од тие принципи, од тие вредности, од тие очекувања. Тоа е она што го очекува бизнисот од нас политичарите и од работата на Владата. Ние немаме такви отстапувања.
Она што го спомена претседателот Азески дека претставуваме честопати ние политичарите список на желби, а најчесто политичарите тоа не го реализираат. Ние во оваа програма имаме би рекол многу внимателен пристап, направивме од прилика една проекција како би се развивал Буџетот во следните четири години и што е она што можеме да очекуваме, и колкав е оној простор со кој што може да располага фискален идната Влада во делот на инвестиции и поддршка. Многу сме внимателни, би рекол конзервативни, на моменти и превнимателни затоа што чуда се невозможни, а ние не сме чудотворци да ветуваме чуда, секој оној кој што ветува чуда не ја говори вистината и се обидува да манипулира. За разлика од изминативе повеќе децении, ние сакаме овојпат навистина да дадеме надеж, надеж која што се темели на вистински и остварливи работи, а не на надеж која што се темели на лага која што многу бргу се распрснува, и потоа тоа преставува едно големо разочарување. А, тоа разочарување резултира со напуштање на државата, отселување пред се на младите бидејќи нема перспектива, нема стратегија, нема визија, нема иднина. И од тие причини имаме многу внимателен пристап, и цениме дека како идна Влада со овој внимателен пристап, со одлучна борба против криминалот и корупцијата, со применливи и остварливи мерки во економијата, со голем фокус врз образованието и пазарот на труд, обезбедување на основни услови за да можат нашите граѓани да веруваат во системот, ќе го оствариме она кое што го предвидовме и за кое што разговаравме со претседателот Азески и со неговите соработници. А, тоа е Македонија да има еден динамичен раст, а со тоа и ќе ја вратиме довербата на граѓаните и зошто да не и оние кои што се разочараа и заминаа, да се обидеме да ги вратиме назад.
Така што еве да сумирам, благодарен сум што ја имавме можноста денеска да бидеме овдека во Стопанската комора примени од страна на претседателот Азески и членките во Комората и неговите соработници. И се надевам дека оваа соработка, да не речам дека сум сигурен дека ќе продолжи и во иднина помеѓу идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и Стопанската комора. И на тој начин ќе можеме заеднички да ги совладаме предизвиците кои што следат, и заеднички да ја развиваме Македонија онаква каква што сакаме да ја видиме.
- ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА И ВО ГЕРМАНИЈА, КАКО ПОМИНА ЕКСПЕРИМЕНТОТ: Вработените поодморни, понаспани и попродуктивни - 04/11/2024
- Анализа: Каков е соодносот меѓу минималната и просечната плата кај нас и во регионот - 04/11/2024
- ВАЖНО ЗА СИТЕ КОИ РАБОТАТ ВО ГЕРМАНИЈА: Можат ли работниците да бираат дали сакаат пари во кеш или слободни денови за одмор - 01/11/2024