Можеби поголемите плати на функционерите ќе ја намалат корупцијата, но сепак…
Автор: Бобан Илијевски
Тука е и тезата дека некои луѓе не се задоволни колку и да им дадеш, па можеби ниту зголемувањето на платите на функционерите нема да помогне да се намали корупцијата.
Платите на функционерите ќе се зголемат за 73 % благодарение на одлуката на Уставниот суд. Од Владата велат дека ќе предложат Закон со кој ќе се регулираат сите плати. Синдикатите најавуваат генерален штрајк.
Ова се само дел од работите коишто се случуваат во сферата на работните односи периодов и кои предизвикаа огромен револт кај народот. И тоа со право. Додека обичниот народ едвај врзува крај со крај и живее од ден за ден, функционерите добиваат зголемување. Што ќе биде со истото останува да се види, со оглед на тоа дека дел од нив рекоа дека ќе ги донираат дополнителните пари во хуманитарни цели, а еве се зборува и за некаков Закон. Само се надевам дека нема да биде ист како оној претходниот Закон за систем на плати во јавен сектор кој поради притисокот од синдикатите беше повлечен.
Ако ги гледаме работите објективно и реално, можеби би требало оние функционери коишто се во првиот ешалон (премиер, министри) да добијат повисоки плати. Можеби на тој начин ќе се намали корупцијата и местењето на тендери. Ова е нешто што, според мене, треба да се земе во предвид. Мислам дека и инспекторите би требало да добијат повисоки плати, токму од истите причини.
Сепак, тука е и тезата дека некои луѓе не се задоволни колку и да им дадеш, па можеби ниту зголемувањето на платите на функционерите нема да помогне да се намали корупцијата.
Како и да се одвиваат понатаму работите, народот останува изложен на се поголем ризик од сиромаштија, а Македонија беше, е и има голема веројатност да остане една од најсиромашните држави во Европа, каде работниците едвај преживуваат, што самото по себе е феномен. Според податоците на Евростат, Македонија во 2019 година била трета најсиромашна држава во Европа. Мислам дека оваа статистика кажува многу.
Страшно е тоа што човек кој работи и зема плата, да не може да го преживее месецот, и тоа во земја која се стреми да стане членка на Европската унија. Кога сме кај ЕУ, моето мислење, а верувам дека и на многу други луѓе, е дека штом влеземе во ЕУ, кога и да влеземе, најголемиот дел од работоспособното население ќе замине од Македонија. Тука мислам на сите возрасни групи, не само на младите.
Инаку, според едно истражување на Радио Слободна Европа, 73 % од младите сакаат да заминат од државата, а 27 % да останат. Овие бројки треба многу да не загрижат. Јас верувам дека и кога би направиле истражување на луѓето кои спаѓаат во средните возрасни групи и сите оние кои се работоспособни, би добиле голем процент на испитаници кои сакаат да ја напуштат државата.
На политичките партии им е сосема јасно зошто луѓето сакаат да си заминат и верувам дека знаат што треба да направат (а тоа не е чекањето да влеземе во ЕУ) за да ја подобрат, примарно, економската состојба, а потоа и сите останати аспекти од општеството.
Ништо не нѐ спречува европските вредности да ги примениме во Македонија и додека чекаме одобрение за влез во ЕУ.