Мора уште повеќе да се вложува во просветните работници за да се добие поквалитетно образование, вели Неделков
По повод „Денот на просветниот работник“, разговаравме со Претседателот на СОНК Јаким Неделков.
Прашан за постигнувањата на СОНК, од неговото формирање до сега, Неделков вели дека ова е прашање коешто заслужува внимание и бара ретроспектива многу години наназад, почнувајќи од формирањето на синдикатот во 1993 година.
Неделков констатираше дека периодот од формирањето до сега бил исполнет со подеми и падови во однос на економскиот, социјалниот и општествениот статус на просветните работници.
„Период каде што ние како синдикат постојано се боревме за подигнување на социо – економскиот статус на просветните работници, во согласност со можностите на државата и за подигнување на статусот на дејноста просветен работник – наставник, коишто од година во година одеа надолу. Ние сме сведоци дека во минатото, наставникот беше еден од носителите на јавните позиции во државата кој беше доста почитуван од народот, учениците, родителите итн.“, истакна Неделков.
Посочи дека сега се работи за достоинството на наставникот коешто е доста изгубено поради многу причини. СОНК во последнава деценија, вели тој, се обидува да го подигне и социјалниот статус на вработените во дејноста образование, како и професијата наставник да дојде на заслуженото место.
Оваа година Светската конфедерација на синдикати од образовниот сектор, истакна Неделков, излегла со паролата: „Реформите во образованието започнуваат од наставникот“.
„Тој слоган кажува многу, меѓутоа може да се протолкува дека доколку сакаме образованието да го реформираме на глобално ниво, пред се, реформите мора да бидат поврзани со наставникот, бидејќи тој ги спроведува. За да ги спроведува поквалитетно, државите ќе мора многу повеќе да одвојуваат за образованието од своите национални буџети. Меѓутоа, не смее да се заборави дека средства не треба само да се издвојат за организирање на работењето, туку за за спроведување на образованието“, вели Неделков.
Според него, тоа значи дека треба да се вложува во наставниците преку најразлични едукации и во подигнувањето на нивниот социјален статус. Уверува дека доколку се вложува во просветните работници, тоа ќе се врати, односно тогаш наставниците ќе бидат повеќе мотивирани да ги образуваат учениците и од нив ќе создаваат млади луѓе кои ќе бидат конкуретни на пазарот на труд.