Во кои случаи невработеното лице би го изгубило правото на паричен надоместок?

Во кои случаи невработеното лице би го изгубило правото на паричен надоместок?
Како што знаеме право на паричен на доместок има секое невработено лице кое било во работен однос најмалку девет месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци. Меѓутоа кога ќе настанат одредени ситуации невработените лица го губат правото на овој надоместок.
Во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност таксативно е наброено кога правото на паричен надоместок на невработеното лице му престанува и тоа се случува ако:
– заснова работен однос;
– основа трговско друштво, претпријатие или друго правно лице;
– врши занаетчиска или друга професионална дејност;
– одбие да се јави кај работодавачот ако е упатен од Агенцијата за засновање работен однос;
– одбие да заснова работен однос кај работодавачот ако го упатила Агенцијата;
– одбие вработување со полно или скратено работно време, кое не е помало од половината од полното работно време, а е соодветно на неговото образование, знаење и можности;
– одбие обука, преквалификација или доквалификација која одговара на неговата стручна подготовка, знаења и способности или по своја вина ја прекине обуката, преквалификацијата или доквалификација;
– исполни услови за стекнување право на пензија или оствари право на пензија;
– невработеното лице од страна на надлежен орган се затекне на работа, е работно ангажирано или врши дејност спротивно на закон;
– ја загуби работната способност со денот на утврдување на изгубената работна способност;
– неоправдано одбие привремено вработување во исклучителни случаи (поплави, земјотреси, неопходно извршување на земјоделски работи и слично) од страна на надлежен орган кој организира акција за отстранување на последиците или за нивно спречување;
– одбие работно ангажирање за вршење на јавни работи;
– одбие вработување на работно место за кое се бара пониска стручна подготовка од неговата, а ако непосредно пред да остане невработен, со своја согласност, работел на такво работно место или изјавил дека прифаќа вработување и на понизок степен на стручна подготовка;
– отпочне издржување на казна затвор, подолго од шест месеци;
– не се јавува во Агенцијата во утврдениот рок;
– не се јави на покана на Агенцијата од неоправдани причини;
– не ја извести Агенцијата во рок од осум дена за секоја промена која е услов или основа за стекнување, остварување или губење на правото на паричен надоместок.
Тимот на Јуридика