Над 54 % од граѓаните рекле дека ќе одат на сезонска работа. Која е нивната најчеста дестинација? И за колку пари би останале во Македонија
Минатата година повеќе од 15,000 македонски граѓани беа на сезонска работа во Хрватска, оваа година бројката се очекува да биде уште поголема.
Порталот Работник спроведе анкета меѓу нашите читатели и следбеници на социјалните мрежи за тоа дали планираат да одат или веќе се на сезонска работа. Ги прашавме во која држава се заминати, што работат таму и за колкава плата би останале во Македонија.
Од вкупно 109 испитаници на анкетата која ја спроведуваме во период од 10 дена, повеќе од една половина (54.4%) рекле дека ќе одат на сезонска работа, 26.2 % одговориле дека не планираат да одат и 19.4 % рекле дека веќе се на сезонска работа.
Очекувано, најголемиот дел од испитаниците кои одговориле каде се заминати на сезонска работа, ја посочиле Хрватска. Дел од нив се и во САД, Франција, Англија и Црна Гора.
Келнер е најчестата професија на оние кои заминале на сезонска работа. Покрај ова занимање, тие работат и како готвачи, земјоделци, хигиеничари, шумарство, обезбедување итн.
Следното прашање се однесуваше на тоа за колкава плата би останале да работат во Македонија. Ние наведовме три можни одговори: 50.000 денари, 60.000 и над 60.000 денари. Најголемиот дел или 39.2 % се определиле за 60.000 денари. Нешто помалку (38.1 %) се тие кои би останале за над 60.000 денари и 22,7 % би прифатиле работа во Македонија за 50.000 денари.
Според полот, 61,9 % од испитаниците се мажи, а 38,1 % жени. Ова може да значи дека мажите повеќе размислуваат да заминуваат на сезонска работа, иако причините кај жените може да се други, како грижа за децата, семејството итн.
Несомнено, анкетата покажува тенденција на заинтересираност на луѓето да одат на сезонска работа која најчесто трае седум или осум месеци, во зависност од тоа што работат, од која може да заработат добри пари. Ако еден келнер зема 1.200 евра плата, тоа значи дека за 7 месеци може да заработи 8,400 евра. Кога ќе се земат предвид и бонусите и бакшишот таа сума е уште поголема.
Фото: Freepik/Canva