Напредок има, но реформите заостануваат
Во Собранието беа презентирани Годишните извештаи на Транспортната заедница за 2025 година. На состанокот беа изнесени главните наоди поврзани со напредокот на Македонија во областа на транспортот, со посебен акцент на безбедноста во сообраќајот, модернизацијата на железницата и одржливоста на патната инфраструктура. Севкупната оценка покажува дека земјата има развиени стратегии и напредува во усогласувањето со ЕУ, но реалната имплементација останува бавна, односно „добро на хартија, слабо на терен“.
Претседателот на Комисијата, Антонијо Милошоски, истакна дека транспортната политика е дел од Кластер 14 во процесот на евроинтеграции и ја оцени Транспортната заедница како значаен партнер во реформите. Тој се осврна и на напредокот на Коридорот 8, наведувајќи дека проектот е во фаза на активна изградба по надминување на претходни предизвици.
Директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, посочи дека во железничкиот сектор е постигнат напредок од 62 %, во патната инфраструктура 52 %, за безбедност на патиштата 44 %, во олеснување на транспортот 29 % и во заштита на патници 36 %, нагласувајќи дека овие проценти треба да се доближат до 100 проценти до 2027 година.
Во дискусијата беше нагласена потребата од модернизација на железничката мрежа, подобрување на безбедноста во сообраќајот и институционално зајакнување. Милошоски посочи дека системот „Безбеден град“ веќе дава резултати и дека се очекува негово проширување во повеќе општини со цел намалување на сообраќајните несреќи.
Според извештајот, Македонија останува активна во Транспортната заедница, но спроведувањето на реформите заостанува. Иако постојат стратегии, нивната реализација е ограничена. Земјата има транспортна стратегија 2018 – 2030 и подготвен е трет прогрес извештај со мерки за ЦO₂ емисии, а во подготовка е и нов акциски план за 2026 – 2027 со фокус на зелена мобилност.
Сепак, се посочуваат слабости како недоволен административен капацитет, делумно усогласување со ЕУ-законодавството и бавна имплементација на клучните реформи. Недостасуваат стратегија за безбедност на патиштата и план за одржување, а примената на интелигентни транспортни системи е ограничена.
Во патниот транспорт има делумен напредок со закони за работно време и тахографи, но недостасува целосна регулаторна рамка. Железничкиот сектор е формално усогласен со ЕУ, но имплементацијата заостанува, нема тело за истрага на несреќи и постојат ограничувања во либерализацијата. Во урбаната мобилност, Скопје сè уште нема усвоен план (SUMP), што се оценува како значаен недостаток според европските стандарди.

