Наставниците што имале плата од околу 26.000 денари, од овој месец ќе земаат околу 30.000 денари

За 15 отсто повисоки плати ќе добиваат од овој месец вработените во основното и во средното образование.Така на пример, ако платата на наставникот досега изнесувала околу 26.000 денари, со новата пресметка таа ќе изнесува околу 30.000 денари, а септемвриската покачена плата, вработените треба да ја добијат деновиве, објави Мета.

Јаким Неделков, претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура за Мета.мк вели дека се зголемуваат ставките за минат труд, како и за одделенско раководство.„Ако се реални наставниците, би требало да речат дека се задоволни од ова што го постигнавме, без разлика на инфлација и на тоа што олку време чекавме. Вакво зголемување од 15 отсто, досега во државата никогаш немало“, вели Неделков.

Освен ова покачување, вработените во просветата ќе добијат уште едно покачување. Повисоки плати за најмалку од 3 до 4 отсто се очекува да имаат со јануарската плата.

„Тоа е зголемување за околу дополнителни 1.000 денари“, вели Неделков.