- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

Најголем дел од реакциите на новнарите се за неплатената прекувремена работа

Најголем дел од реакциите - Работник
172views

Еден од стремежите на синдикатите е борба за обезбедување на баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот. Сепак, не во секоја професија може да биде ист баланост, бидејќи не се сите со иста динамика и флексибилност. Додека некои работат од 08 до 16 часот, како што се шалтерските работници, други имаат поинаков начин на работа поради тоа што самата професија го бара тоа од нив. 

Вчера порталот Работник објави текст преку кој беа изнесени ставовите на неколку новинари во однос на баланост помеѓу професионалниот и приватниот живот и главниот заклучок беше дека истиот многу тешко се постигнува во новинарската професија. 

Работник побара став и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во однос на ова прашање. 

Во принцип, приватниот живот е секогаш приватен. Ние сметаме дека и новинарите треба да имаат свој приватен живот, иако во оваа професија тоа многу тешко се постигнува, вели в.д Претседателот на ССНМ Ѕвездан Георгиевски прашан за тоа дали синдикатот презема некои активности околу баланост помеѓу професионалниот и приватниот живот на новинарите и медиумските работници. 

„Секако дека немаме никакви амбиции да се мешаме во приватните животи било кому, а најмалку на нашите членови. Она што се обидуваме да го направиме е да издејствуваме некакви погодности и попусти за нашите членови, а тие бенефиции се достапни на нашата страница“, вели Георгиевски.

На прашањето дали до синдикатот пристигнуваат реакции од новинарите и медиумските работници околу оваа проблематика, Георгиевски одговори дека нивната главна работа е застапување на нивните членови во однос на работничките права. Како што вели, во таа смисла се и реакциите, не само на членовите, туку и на останатите од професијата. 

„Тоа значи дека тие главно се однесуваат на прекувремената (неплатена) работа, на работа за викенди и празници, на теренска работа надвор од работното време, што најдиректно го засега и приватното време на новинарот“, истакна Георгиевски. 

За тоа, како според синдикатот би требало да се унапреди балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот во новинарството, тој вели дека првенствено треба да се обезбеди некое „нормално“ слободно време. 

„Ќе повторам, тешко е да бидеш новинар и професионално да си ја сфатиш работата, а тоа да не го правиш 24/7. Меѓутоа, сосема е друга работата ако ваквиот однос на новинарот му го наложува неговата совест, а сосема е поинаква ако тоа го прави поради наредба или уцена (најчесто со финансиска казна или со работно место) уредникот или сопственикот на медиумот“, посочи Георгиевски. 

Георгиевски даде свој пример, истакнувајќи дека тој веќе една деценија е припадник на групата на таканаречени „фриленсери“, што е само еуфемизам за новинари без постојан ангажамн.

„Тоа значи дека немам ни канцеларија, ни работно време, ни годишен одмор, ни слободни денови, ни здравствено и пензиско осигурување… Денес тоа е веќе мој избор и сам си го организирам времето онака како што мислам дека е најдобро за мене и не зависам од ничија волја или хир“, подвлече Георгиевски. 

Бобан Илијевски