Дали постои баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот кај новинарите?
Баланост помеѓу професионалниот и приватниот живот е тема којашто ги засега сите професии, меѓу кои и новинарството. На неа често пати дебатираат разни експерти во Западна Европа и САД, а пак многу малку се зборува на оваа тема во Македонија, но и во регионот.
Порталот Работник го отвори прашањето за балансот на професионалниот и приватниот живот на новинарите во Македонија и побара мислење од повеќе луѓе коишто работат во оваа област.
Најголемиот дел од нив сметаат дека е тешко да се оствари баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот, но воедно и дека треба да се работи на негово унапредување бидејќи работата не смее да се меша со приватноста и обратно.
На прашањето дали постои баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот во новинарството во Македонија, новинарот во дигиталната платформа „Види Вака“ Сунаи Сабриовски рече дека:
„Новинарството некој начин е благородна професија. Истата не смее да се доживува како момент за стекнување на некаква слава, односно да се гледаме себе си како ѕвезди за да може да се балансира приватниот и професионалниот живот. Но од друга страна новинарството е професија каде често се испомешани чувствата, емоциите, мирисот и вкусот – односно многу често се наоѓаме пред портите на вредностите. Новинарството со сите свои предности, но и недостатоци е професија со која треба да се научи да се живее.

Треба да се знае дека во оној момент кога се одлучуваме за оваа професија, во истиот момент се одлучуваме за понатамошниот начин на живот кој ти станува секојдневие. Приватноста е уставна категорија без разлика на тоа дали сме новинари или келнери. Како новинари не смееме да си дозволиме мешање на приватното со професионалното, особено кога се доаѓа во ситуација новинар /политичар/институции. Тука сметам дека треба максимална дистанца и тоа професионална за да не се доведеме во ситуација на нарушување на тој баланс кај новинарот ( гледано од аспект на приватен/професионален живот ) кој може да наштети некому.
Кога не постои баланс помеѓу приватниот живот и кариерата, се појавува стресот со целото свое разорно дејство. Не би можел да кажам дека нема, ниту дека има баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот кај нас новинарите. Гледано од лична субјективна страна успевам да го изменаџирам целиот тој процес, иако ова е професија којашто пак ќе кажам едноставно живееш со нејзе, таа е дел од тебе. Гледано во поширок контекст, ова прашање отвара широка лепеза на прашања особено тоа прашање регулирано/ впишано во Кодексот на новинари, член 7 „Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес“, вели Сабриоски.
Теодора Цветковска, новинар во ТВ Телма вели:

„Мислам дека скоро и да не постои. Оние кои успеале да го достигнат тој зен, би рекла дека се среќни луѓе. Но, мислам дека тоа не е случај само кај нас, уште на почеток на кариера не учат дека новинар си 24/7 , па така бараме приказна дури и кога одиме до продавница, седиме во кафуле, кога сме излезени со пријателите. Не е дека мислам дека немаме живот надвор од редакција, но тешко е да се избалансира, особено кога помеѓу најдобрите другари имаш новинари, така што после работа и смена со колеги, на кафе седиш повторно со колеги“, истакна Цветковска.
Тамара Стојкова, новинар во ТВ Канал 5:

„Прилично сум убедена дека не. Тој постои ама тешко се стигнува до него. Премногу сме зависни од она што сме прифатиле да биде наше работно секојдневие. Новинарството е адреналин кој не ‘одржува во живот’, екстремен спорт кој многу често се игра и надвор од работниот терен“, вели Стојкова.
Даниел Василев од ТВ Сител вели:

„Да бидам директен, многу тешко со оглед на тоа што голем дел од приказните или сториите доаѓаат токму од приватна комуникација со пријатели. Некогаш, дури и кога сам ќе речам дека нема да се замарам со работа, при разговорите со пријатели се случува да се добие идеја или инспирација за обработка на одреден проблем“, посочи Василев.
Во однос на тоа дали во редакцијата каде што работат се почитува баланост помеѓу професионалниот и приватниот живот, Сунаи Сабриоски посочи дека во редакцијата на „ Види Вака“ владее апсолутно балансот, барем до сега. Истакна дека никој со никого не се оптеретува – едноствано фокусот е на професионалноста и квалитетот на работата.
„До сега не се случило приватноста на некој од нас во редакција да биде предмет на дискусија за функционирање на професионалниот начин на работа. Да, знаеме често да се пошегуваме на сметка на нашата ‘приватност’ која пак е јавно достапна на социјалните мрежи, но тука завршува навлегувањето во т.н. ‘приватност’“, вели Сабриоски.
Теодора Цветковска истакна дека во Телма балансот најчесто се почитува.
„Без разлика што секому му се случува во приватниот живот, сите се трудат да останат професионалци и проблемите да ги остават пред да влезат на работа. Бидејќи сме голема редакција, се внимава да не се вмеша приватното со работата“, подвлече Цветковска.
Тамара Стојкова посочи дека без дилеми, атмосферата во нејзината редакција е на завидно ниво а тоа вклучува и голема почит едни кон други.
„Голем дел од времето го поминувам токму со луѓето од редакција и нормално е некогаш да си побараме совет и да се консултираме за нешто приватно, но тоа воопшто не влијае врз работата и обратно“, вели Стојкова.
Даниел Василев смета дека редакцијата нема никаква врска со почитување или непочитување на баланост помеѓу професионалниот и приватниот живот.
„Доколку јас вечерва излезам на пијачка некаде и видам сообраќајна несреќа во која за жал има жртви, сигурно нема да погледнам на страна и да се правам дека не сум видел… А, за сообраќајната несреќа, во случајот, сигурно нема да чекам задача од претпоставен, туку самиот ќе ја пријавам во редакција“, истакна Василев.
Во врска со прашањето што за нив претставува баланс помеѓу професионален и приватен живот, Сунаи Сабриоски рече дека во оној момент кога ќе се почувствува горлчливиот вкус на претераната јавност сфаќаш дека сам си ја нарушил приватноста а со тоа и професионалноста. Според него, потребна е одмереност и подготвеност за справување во секакви ситуации.
„Не на сите им сме омилени особено затоа што сме новинари. Гледано од тој аспект често знам да ги прифатам конструктивните критики дури и по цена кога се во насока на приватниот живот кој пак задират во професионалниот. Балансот го пронаоѓам во страста за животот и професијата, едноставно го живеам тоа што го работам и затоа имам енергија за сè. Ретко кога дозволувам да си го нарушам балансот бидејќи оваа професија која за жал некогаш била престижна гледам денес да не ја згазам бидејќи знам дека како професија е една од клучните извори на инспирација и предизвик со кој се истакнувам на професионален план без да си го нарушам приватниот живот“, вели Сабриовски.
За Теодора Цветковска, баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот значи да не ја носи работата дома, да е во тек со сите настани и случувања, да биде информирана постојано, без да дозволи тоа да и создаде стрес поради кои нема да може нормално да функционира кога физички не седи во редакцијата.
Тамара Стојкова оваа проблематика ја прикажа преку примери:
„Баланс е да седнеш на пијачка со пријателка чија професија нема допирна точка со новинарството и кога ќе те праша што има ново – барем 51 отсто од работите што ќе и ги кажеш да не се поврзани со работата. Баланс е и кога седиш со колеги надвор од работното место но разговорите не се вртат околу работата. Но, пред се, баланс е кога се што се случувало на работа го оставаш таму апсолутно во истиот момент кога ќе го напуштиш дескот – а потоа им се препушташ на сите благодети кои те исполнуваат во слободно време“, вели Стојкова.
Даниел Василев истакна дека на ова прашање би можел да одговори кога ќе работи нешто друго во животот.
Во однос на тоа што би требало да се направи за да се унапреди баланост помеѓу професионалниот и приватниот живот, Сунаи Сабриоски посочи дека во моментот кога луѓето ќе успеат да изменаџираат работата со себе да не ја носат дома, а домашните проблеми да не ги носат на работа, тогаш може да се зборува за некаков напредок помеѓу приватниот и професионалниот живот.
„Многу често домашните проблеми и фрустрации кога некој ќе ти ги донесе на работа и ќе ти ги испласира во фаца едноставно ти ја убива твојата енергија и за возврат го постигнува посакуваното, да се наруши туѓиот баланас а сопствениот да се нахрани. Во тој момент почнува процесот на опаѓање на мотивација, енергија, желба за работа а сето тоа влијае како на приватниот така и на професионалниот живот“, вели Сабриоски.
Теодора Цветковска гледа можно унапредување на баланост помеѓу професионалниот и приватниот живот преку подобра организација на работата.
„Можност за работа во повеќе смени, и стрикно држење кон еден новинар – еден сектор, како полесно би можеле да ги следиме настаните, а не од вечер да “скокаме” од сектор образование во економија или судство. На крајот, би требало и самите да направиме некаков ред во тоа што е работа, а што е приватен живот, но кога еднаш ќе влезеш во новинарските води, тешко е да сакаш бар малку да одмориш на брегот, дури и во оние моменти кога те фаќаат грчеви и не можеш повеќе да пливаш“, вели Цветковска.
Тамара Стојкова смета дека до унифицирано правило не може да се стигне.
„Се зависи од нас самите и до каде ги имаме поставено нашите „црвени линии“. Ако денеска сакам после работа да се дружам со колеги, свесна сум дека разговорите околу работата, во помала или поголема мера, ќе бидат неминовни. Што е, пак, со врските или браковите меѓу луѓе од истата фела? На крајот од денот, се е право на избор“, истакна Стојкова.
Со оглед на природата на работата многу тешко е да се направи такво нешто, вели Даниел Василев, нагласувајќи дека е речиси невозможно.
„Сепак, нашата работа зависи токму од комуникацијата со луѓе. На крајот на денот во новинарството не постои „работно време“. Без комуникација со луѓе од различни сфери не би ни можеле да ја погледнеме реалноста на терен за да оцениме дали нешто е вредно за објавување или не. Доколку сме шалтерски работници од 08 до 16 часот, тогаш може да се размислува за такво нешто, но приказните не паѓаат од небо, ниту пак влегуваат од предната врата“, истакна Василев.
Бобан Илијевски

