Колумни

“На ваша сметка да се богатам” – мото на робовладетелите наречени газди

413views

Автор: Бобан Илијевски

Алчноста на газдите уште еднаш излезе на виделина и тоа за време на криза кога судбините на работниците се неизвесни. Моите тези коишто постојано ги споменувам во моите колумни, пополека се покажува дека и те како се точни.

На маките на работниците им нема крај, тоа го покажува последниот скандал со фирмите кои земале финансиска помош од државата, а на работниците не им исплатиле ниту денар. Парите си ги ставиле во џеб, да им се најдат кога нема да им стигнат за да купуваат нови џипови, палати и резорти.

И што се случува сега… Управата за јавни приходи, преку која се спроведуваше мерката за исплата на плати на работниците, истакна дека само ќе ги опомени фирмите. Ако, УЈП, со опомени не правиме ништо, треба казни да се поделат на ваквите газдите. И тоа, да треба да вратат пет пати повеќе отколку што зеле. А, потоа и да се воведе данок на луксуз, малку да им се испразнат џебовите, а не да се богатат на сметка на работниците кои со и така малите плати преживуваат од месец за месец.

Како што пренесоа медиумите, околу 700 фирми ја направиле оваа измама, што реално гледано е голема бројка. За нив треба и кривични пријави, па да си ја отслужат казната за кривично дело измама. Се додека не се воведат строги казни, нема никогаш да биде подобро за работниците. Сепак, доколку надлежните институции не најдат решенија за проблемите, самите работници ќе најдат. Како? Одговорот се состои од еден збор – странство, или подобро кажано Германија.

Денеска, директорката на УЈП, за Сител телевизија, рече дека имало претставки од работници за тоа дека газдите им ги давале платите, а потоа им ги барале назад. Ова не и некоја нова пракса во нашата држава. Истото се случува и со исплаќањето на К-15 во приватниот сектор, каде во многу фирми газдите пуштаат на сметките пари за К-15, а потоа им ги бараат назад. Ова ми се има случено мене лично, но и покрај заканите, не ги вратив парите назад. Ова би им го препорачал на сите работници. Не ги враќајте парите. Ако ви ги бара газдата назад, слободно пријавите во УЈП.

Се надевам дека последните случувања ќе им ги отворат повеќе очите на надлежните институции и ќе преземаат построги мерки за да ги сузбијат ваквите измами. Случувањата покажаа дека и инспекторите треба да вршат повеќе вонредни надзор и, особено во микро и малите претпријатија, каде што во најголем дел се кршат работничките права. Впрочем, според моја претпоставка, најголемиот дел од од овие 700 фирми -измамнички се мали, односно се со мал број на вработени. Ретки се големите фирми кои прават вакви измами, бидејќи голем дел од ни се на радарот на инспекциите. Малите се тие коишто се опасни. Најголемата сива економија е кај нив и вадат само по десет фискални сметки, а им влегуваат можеби по 100 купувачи дневно.

Знаете, целава ситуација ќе беше смешна, доколку не беше трагична. Истите тие газди коишто на ваков начин ги третираат работниците, потоа велат дека не можат да најдат работници. Колку се само контрадикторни…

Алчноста на газдите ја има секаде низ светот, но барем ја ставаат под контрола. За пример може да се земе компанијата “Амазон“, која е во сопственост на најбогатиот човек на светот, Џеф Безос. Оваа компанија е епицентарот на кршење на работничките права во САД, но преку одредени барања на некои од сенаторите, Безос малку подзастана, подразмисли и на работниците им даде големи бонуси. Ова не го оправдува за повредите на работничките права, туку покажува дека и газдите можат некогаш да ја покажат својата добра страна. Сепак и тамошните надлежни институции треба да преземат порадикални мерки за да се спречи узурпирањето на работниците и нивните права.

А, ние доколку сакаме да бидеме држава која ги почитува целосно човековите права, треба да ги почитуваме и работничките права, бидејќи и тие спаѓаат во човекови права.

Ставовите изразени во колумната во ниеден случај не ги изразуваат официјалните ставови на Порталот Работник