На неколку месеци пред избори кај Ковачевски се појави социјалдемократски дух: Стопроцентно сум на страната на ССМ, да им се врати Работничкиот дом
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека фрлил доволно лопати за време на двегодишниот мандат, во време на најголемата светска криза, во одговор за новинарско прашање.
„Во време на најкризната година, 2023, имаме двојно поголеми директни странски инвестиции од 2016 година. Двојно повеќе од некои што работеле кога немало никаква криза“, рече Ковачевски.
Во однос на прес-конференцијата на ССМ за Работничкиот дом, кој со одлука на Врховниот суд е одземен од работниците и ѝ е даден на државата, премиерот рече дека е стопроцентно на страната на работниците и на ССМ.
„Јас сум член на Синдикатот од 1999 година и сум стопроцентно на страната на ССМ, на страната на работниците. Да живее Синдикатот, да живеат работниците и работниот народ на Република Северна Македонија“, рече Ковачевски и додаде дека за таа одлука треба да се прашаат оние што ја донеле, а тоа е судот.
„Никогаш не коментирам судски одлуки, меѓутоа јас сум на страната на ССМ, да им се врати Работничкиот дом“, додаде премиерот.
Во однос на предлозите за министри за техничката влада, Ковачевски рече дека СДСМ веќе ги објавил своите предлози со одлука на Централниот одбор на партијата.
За средбите меѓу претставници на СДСМ и на партијата на косовскиот премиер, Ковачевски рече дека тие се сестрински партии и комуникацијата што ја имаат е на ниво на Партијата на европските социјалисти.
„Партијата на премиерот на Косово, Аљбин Курти, и СДСМ се сестрински партии во рамките на Партијата на европските социјалисти, комуникацијата што ја имаме е на ниво на Партијата на европските социјалисти. Во тој капацитет беше и средбата што се одржа во Приштина помеѓу генералните секретари на партиите и секретарите за меѓународна соработка“, одговори премиерот Ковачевски на новинарско прашање.
Извор: Макфакс