ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

На оние кои немаат пракса потребна им е можност за ДОЖИВОТНО УЧЕЊЕ на нови вештини и знаења

Над 90 % од невработените се функционално неписмени. Со ваков податок пред некое време излегоа надлежните. Поточно, податокот беше соопштен од Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. 

Во седмата епизода од Работник Поткаст разговаравме токму на оваа тема со реномиран експерт од областа на пазарот на труд, а побаравме одговори и од Владата за тоа како може да се надмине овој проблем и да се мотивираат оние кои се функционално неписмени да стекнат вештини и компетенции.

Концептот на доживотно учење или Lief Long Learning

Човечкиот капитал во основа можеме да го подобриме на повеќе начини. Пред се, тоа подразбира преземање на сеопфатни реформи на образовниот систем, почнувајќи од основното, средното и високото образование, вели Универзитетскиот професор на Економскиот факултет Прилеп при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, Димитар Николоски за Работник Поткаст.

Реформи коишто би биле во дослух со потребите на пазарот на трудот, односно она што бизнисмените, работодававачите го имаат како потреби на своите работни места – посочи Николоски. 

Тој истакна дека мошне важен е и концептот на доживотно учење (Life Long Learning) којшто е доста актуелен во Европа, со цел да се постигне поголема конкурентност на работната сила.

Фото: Canva

Тоа значи дека тука не е само образовниот процес важен и она што ќе го произведе средното или високото образование како профил на она што треба да влезе на пазарот на труд, туку она што е значајно кај животното учење е тоа дека секоја една компанија треба да се грижи за човечкиот капитал на своите вработени и да инвестира во т.н. унапредување на човечкиот капитал. Тоа значи обезбедување на различни облици на обуки, тренинзи, како формални така и неформални, во текот на работата – рече Николоски. 

Професорот потсетува дека не треба да се заборави на активните мерки коишто ги спроведува Aгенцијата за вработување на Република Македонија.

Според него, тие треба да бидат јасно насочени и да ги таргетираат најранливите категории на невработени – оние кои имаат најголем проблем во акумулирањето на човечкиот капитал. На тој начин треба да овозможат поголема конкурентност на овие невработени како би можела да се подобри нивната позиционираност на пазарот труд, а со тоа да се зголеми и нивната вработливост.

Што прави Владата за да го реши овој проблем?

Од Владата за Работник рекоа дека во нивниот фокус е да го подобрат квалитетот на животот на сите граѓани, а како што велат, тоа го прават и во ек на кризни состојби, преку спроведување на активни мерки, политики и закони кои придонесуваат за долгорочен позитивен ефект врз инклузивноста на граѓаните на пазарот на труд.

Националната стратегија за вработување 2021 година, Имплементација на активни програми за вработување, Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд, Законот за практиканство, се дел од политиките на кои Владата, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, постојано работеа за подоборување на вработливоста на сите невработени граѓани во Македонија – истакнаа од Владата. 

На овој начин, како што велат, се стимулираат невработените да се преквалификуваат и доквалификуваат, со цел да се вклучат на пазарот на труд.

Фото: Canva
Со Оперативниот план за вработување се предвидува да бидат опфатени над 14,000 лица – за него се одвоени над 1 милијарда денари.

Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2022 година, објаснија од Владата, се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување. Според нив, тие би обезбедиле создавање на нови работни места, поддршка и креирање нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на парична помш од социјална заштита. Нагласија дека преку овие мерки ќе се поддржат и оние кои ја изгубиле работата во текот на кризата со Ковид -19, односно од 11 март 2020 година.

Оперативниот план за вработување е предвидено да опфати 14, 685 лица, а за мерките се предвидени повеќе од 1,8 милијарди денари.

Невработените да поминуваат низ процес на живното учење

Доживотното учење или Life Long Learning е исто така нешто на што работи Владата, посочија од таму и додадоа дека процесите кои произлегуваат од оваа стратегија се комплементарни и прават синергија со програмите на МТСП и Агенцијата за вработување.

Целта е невработените лица да се стекнат со вештини и знаења кои ќе им помогнат успешно да влезат на пазарот на труд без разлика кое е нивото на нивната образовна подготвеност, појаснија од таму.

Стратегија за лоцирање на структурните предизвици

Од Владата се осврнаа и на Националната стратегија за вработување 2021 – 2027 година, која како што велат, во предвид ги зема случувањата во економијата и пазарот на труд со кои Македонија се соочувала во последните две децении, со цел да се лоцираат структурните предизвици за кои треба да се најде решение.

Со оваа стратегија се дефинирани три стратешки цели:

  • Подобрување на квалитетот на образовните исходи на сите нивоа;
  • Зајакнување на улогата на политиките за развој на економијата и компаниите во создавањето пристојни работни места; и
  • Зајакнување на инклузивноста на политиките на пазарот на труд.
Фото: Canva

Споменаа дека вкупниот опфат на лица со програмите и мерките за вработување од Оперативниот план за вработување во 2021 година изнесувал 11,933 лица.

Согласно планот за 2022 година планиран е опфат на вкупно 14,685 невработни лица од кои предвидено е минимум 30 % да бидат млади лица до 29 години. За реализација на Оперативниот план за вработување обезбеедени се 30 милиони евра, со што се потврдува континуитетот на зголемување на финансиските средства наменети за активни мерки за вработување, односно 5 милиони евра повеќе во споредба со минатата година – рекоа од Владата. 

Во 2022 година, велат, се продолжило со импелентација на Планот за Гаранција за млади.

Фактот дека заклучно со првата половина на јули 2022 година од вкупниот број на лица кои влегле во процесот на Гаранција за млади (8,840) млади лица до 29 години, 3,754 лица или 42 % се вработиле односно се вклучиле во некоја од мерките за вработување, покажува дека годинава ќе го надминеме минатогодишниот процент, што не прави особено горди на одлуката за воведување на Гаранцијата за млади – велат од Владата. 

Законот за практиканство дава уште една законска рамка за подобрување на вработливоста на младите луѓе, наведоа од Владата и доадоа дека ограничена за лица до 34 години, практиканството, како работна активност трае од 1 до 6 месеци и вклучува компонента на работа преку учење и стекнување на практични работни вештини.

Законот ги уредува правата и обврските на работодавачот и практикантот и обезбедува поволности за двете страни, а како што велат од Владата, тие се:

  • Подобрување на вештините и квалификациите за побрзо и поуспешно вработување; и
  • На работодавачите им се олсеснува изборот на работници по завршената практикантска работа, а за времетраење на истата освен надоместок за извршена работа и данок на личен доход, работодавачот нема обврска за плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување.

Колку овие мерки и програми ќе дадат резултати, останува да се види.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk