„НА ПРИМЕР, НА ПЛАТА ОД 30,000 ДЕНАРИ, РАБОТНИКОТ ВКУПНО ДАВА 67,6 % ИЛИ 20,302 ДЕНАРИ ЗА ЈАВНИ ДАВАЧКИ“
Општата констатација на бизнис секторот е дека даноците во Македонија не се многу високи, а тоа се должи на рамниот данок.
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров ја потврдува оваа констатација, објаснувајќи дека и кај данокот на личен доход и кај данокот на добивка стапката е иста (10%).
Сепак, според него, постои проблем во тоа што во државата најмногу се оданочени платите, додека имотот и капиталот имаат пониска стапка.
„Така на пример, на нето плата од 30,000 денари, работникот плаќа 2,329 денари данок на личен доход и 12,573 денари придонеси од плата, односно вкупно 14,902 денари или 49,6 % давачки. Кога работникот ќе ја потроши оваа плата ќе плати уште 18 % данок на додадена вредност или 5,400 денари. Значи, на 30,000 денари вкупно ќе плати 20,302 денари јавни давачки или 67,6 % од заработеното“, вели Димитров.
Претседателот на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков вели дека има поделено размислување во однос на тоа дали треба да се намалат даноците.
Неговиот став е дека е потребен пофлексибилен пристап кон нив, потенцирајќи дека даночната политика мора да биде тотално децентрализирана. Тоа значи дека државата треба да го спроведе планот за фискална децентрализација.
„Дефинитивно, плаќањето на данок е поврзано со одговорностите, местото на живеење, придонесот кон општеството, отчетноста и транспарентноста“, рече Бошков.
Кога се разговара на тема даноци, појасни тој, мора во предвид да се земат сите карактеристики на функционирање на една фирма.
Бошков смета дека даноците на плата во Македонија се најниски, бидејќи ослободени сме од данокот на личен доход.
Меѓутоа, ние плаќаме и социјални придонеси, вели тој. За нив, појасни, можеби би требало да се разговара, додека во однос на даноците на личен доход можеби треба да се види во кои насоки се трошат.
Повеќе внимание да се посвети на даноците на имот
Димитров даде неколку примери за тоа колку се пониски даноците на имот од тие на плата.
Еден од нив е данокот на прометот на недвижни кој се плаќа на општината и се движи од 3 до 4 %.
„На прометот на становите, освен на првиот промет, не се плаќа ДДВ. На приходите од закупнини се плаќа данок на личен доход од 10 %, а на имотот од 0,1 до 1 %“, посочи Димитров.
Исто така, на приходите од капитал, како дивиденди и сл. се плаќа рамен данок од 10 %.
Данокот на добивка е рамен и за компаниите и изнесува 10 %, „со тоа што се плаќа и данок на непризнати расходи, т.е. многу трошоци кои ги прават компаниите не се признат расход и на нив се плаќа данок на добивка. На пример, ако компанијата на работниците им исплати новогодишен надомест, најпрво ќе плати 11,11 % данок на личен доход, а потоа и 10 % данок на добивка или вкупно 22,2 % на нето исплатата на работникот.
Поради ова, Димитров вели дека во иднина покрај прогресивното оданочување на високите лични примања и големите добивки, ќе треба да се посвети повеќе внимание и на даноците на имот.
Заврши со ставот дека со право, во последно време, се отвора дебата за потреба од прогресивни даночни стапки, со кои побогатите компании и поединци ќе плаќаат повисоки стапки на данок.

