КолумниСветот на работникот

Невидливи работници

449views

Дефиницијата во Законот за работните односи, каде што како работници се сметаат само оние што имаат склучено писмен договор за вработување, е фактички неточна и маргинализира многу работнички и работници кои работат без или со поинаква форма на договор (устен, договор за дело и слично).

Кога едно лице оди на работа секој ден, за време на викенди или празници, заработува „плата“ и добива работни задачи, сосема очекувано би било да се каже дека станува збор за работник или работничка. Сепак, во Македонија, сите овие елементи не значат ништо доколку тоа лице нема склучено писмен договор за вработување. Законот за работните односи ја поставува општата рамка за заштитата поврзана со работата и предвидува дека работник е „физичко лице кое е во работен однос врз основа на склучен договор за вработување“ (член 5(1)-2)].

Ова значи дека нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен. Со тоа, многу голем број луѓе се ставени во двосмислена состојба – фактички се работници, но правно гледано не се сметаат за вработени и не уживаат системска заштита. Ваквата ситуација наликува на мислечкиот експеримент „Шредингерова мачка“ затоа што го доловува парадоксот што може да се јави помеѓу теоријата и праксата, кога безусловното следење на пишаното во реалноста резултира со последици спротивни на здравиот разум. 

Дефиницијата како предуслов за заштита

Важноста на ова прашање се гледа преку фактот што од класификацијата дали одредено лице е работник или не, првенствено зависи дали законот ќе важи за тоа лице и дали лицето ќе има здравствено и пензиско осигурување. Оттука, оние кои „само“ физички се работници, без да имаат договор за вработување на писмено, немаат гаранција дека ќе бидат исплатени за трудот и во секој момент можат да останат без работа. Дополнително, ако овие непријавени работници се повредат или се најдат во опасност по својот живот, не можат да пријават неправилности и да побараат надоместок затоа што инспекциските служби не можат да постапуваат, а и ризикуваат да бидат казнети затоа што „не се работници“.

Ваквата техничка дефиниција, каде што како работници се сметаат само оние што имаат склучено писмен договор за вработување, е фактички неточна и маргинализира многу работнички и работници кои работат без или со поинаква форма на договор (устендоговор за дело и слично). Во пракса, ваквото решение значи дека илјадници работници не се запознаени со фактот дека не подлежат на законска заштита затоа што системот воопшто не ги смета за вработени. Вообичаено, ова го осознаваат предоцна, кога веќе институционално не може да се направи ништо, односно кога нема да им биде исплатено сработеното, кога ќе се повредат и/или кога имаат потреба од здравствено и пензиско осигурување. Имајќи предвид дека речиси половина од македонските работници не се запознаени со содржината на својот договор за вработување станува јасно дека ова е сериозен проблем во нашето општество.

Автор: Вилдан Дрпљанин

Целиот став на Respublika.edu.mk