Светот на работникот

Невронаучник од Харвард: Една од „најпотценетите“ вештини која луѓето ја користат на работните места и како да ја развиете

Луѓето кои заработуваат повеќе пари од останатите или оние кои се посреќни на работните места од другите, не се сите полни со самодоверба, постојано организирани или одлични решавачи на проблеми.

Тие поседуваат една вештина којашто ги прави да бидат покомпетитивни на работното место, за CNBC Make it, вели Џулиет Хан, невронаучник од Харвард.

Станува збор за самосвест.

Но Хан, која предава и на Бизнис школата на Колумбија и е академски советник на Медицинската школа во Харвард, вели дека многу луѓе погрешно веруваат дека самосвеста се однесува само на разбирањето на чувствата и маните.

Да бидеме самосвесни значи да ги откриеме нашите силни страни и да ги преточиме во нашите цели, вели таа. Истражувањата велат дека развивањето на самосвеста ни помага да бидеме повеќе креативни, да носиме поцврсти одлуки, подобро да комуницираме и да градиме посилни врски. Според Хан, ова е „една од најпотценетите вештини“ која успешните луѓе ја користат за да напредуваат во кариерата.

Во продолжение следуваат три совети кои ќе ви помогнат да ги идентификувате вашите силни страни и да бидете повеќе самосвесни:

Осврнете се на вашите интереси и вештини

Во што сте добри? Што уживате да правите? Ова се двете најважни прашања кои би требало да си ги поставувате на работното место, без разлика на тоа дали сте започнале на нова работна позиција или страдате од синдром на согорување, вели Хан.

„На пример: Дали повеќе преферирате да водите тим или да анализирате податоци?“, вели таа. „Одговорите на овие прашања можат да ви помогнат да ги идентификувате задачите кои не ви пречи постојано да ги извршувате .“

Откако подобро ќе ги согледате вашите силнни страни и работните обврски кои уживате да ги исполнувате, можете да развиете план за подобрување на вашите вештини и да се фокусирате на проектите и задачите кои најмногу ви будат возбуда.

Побарајте фидбек од менаџерот и колегите

Следниот пат кога ќе имате состанок со менаџерот или кога ќе излезете на кафе со колегите, прашајте ги: „Можете ли да ми кажете за некој период кога сум ви бил од голема помош на вашата работа, и дали можете да бидете конкретни?“

Каков и да е нивниот одговор ќе „ви помогне да научите нешто за себе, за влијанието кое го имате на оние со кои работите и како ве гледаат другите“, рекла Хан.

Ваквите разговори можат да ви помогнат да воочите на кои вештини треба да работите. На пример: доколку некој колега ви каже за ситуација каде сте покажале способност за мултитаскинг, а оваа вештина не ја корстите често, можеби би требало да размислите да ја вежбате почесто.

Хан ги прашала најблиските пријатели како би ја опишале во три збора и зборот „смешна“ се појавил во речиси секој одговор. Сфатила дека нејзниот хумор не ѝ донел само добри пријатели, според луѓето кои ги сака – туку дека може да ѝ помогне да биде поемпатична и попријателски настроена менаџерка.

„Понекогаш, не сфаќаш кои се твоите силни страни, се‘ додека не ги видиш преку очите на друг“, вели Хан.

Поставете цели и следете го напредокот

Откако ќе дознаете кои вештини сакате да ги подобрите или да ги инкорпорирате во вашата работа, потребно е да поставите цели и да го следите напредокот, што може да ви помогне да останете мотивирани и да работите поефикасно.

Хан вели дека потребно е подолго време за да се видат некакви опипливи подобрувања на самосвеста, но оваа вештина исплаќа огромни дивиденди.

„Можете да ги имате сите технички вештини и целата харизма на светот, но ако комплетно не сте свесни за себеси, каква интеракција имате со светот, многу е потешко да се изградат посилни врски, да се комуницира со менаџерот и колегите и да се продлабочат пријтелствата кои навистина сакате да успејат“, посочила Хан. 

Извор: CNBC Make it